Денеска во Струга ќе се одбележи Светскиот ден на танцот
Во пресрет на Светски ден на танцот, традиционално шеста година по ред, Студиото за танц „БАХ“ од Струга организира мал концерт насловен „Струга танцува“, наменет за сите граѓани и посетители кои тој ден ќе се најдат во градот.
Настанот ќе се одржи денеска, со почеток во 14 часот, во градскиот парк во Струга. Организатор на концертот е Студиото за танц „БАХ“ во соработка со Центар за култура „Браќа Миладиновци“ Струга, кои упатуваат отворена покана до сите љубители на танцот да бидат дел од оваа уметничка прослава.
Пред почетокот на концертот, од 13:00 до 14:00 часот, за атмосферата ќе се погрижи Димитар, кој ќе ги забавува присутните со внимателно одбрана музика.
„Минатата година сите вие танцувавте со нас – преубаво беше чувството, тоа го очекуваме и сега. Ќе настапат повеќето од нашите групи, повелете да го славиме танцот, почувствувајте го ритамот и нашата љубов кон него – сите сте поканети“, велат од Студиото за танц „БАХ“ Струга.
Од студиото додаваат дека танцот не се мери со време, туку со доживувања:
„Танчерите не бројат години, тие бројат сцени, емоции и моменти во кои срцето им танцувало најсилно.“
Концертот е бесплатен и отворен за сите граѓани, а организаторите најавуваат настан исполнет со позитивна енергија, дружење и љубов кон танцот.
„На Струга ќе ѝ подариме мал концерт со големи емоции“, порачуваат од „БАХ“.
StrugaOnline

