Лев банер Десен банер

Струга се подготвува за Ѓурѓовденската литија, по 17-ти пат Литијата со моштите на Свети Георгиј Победоносец ќе ја осветат Струга

Струга и годинава ќе биде во духот на традицијата и верата, откако по 17-ти пат ќе се одржи Ѓурѓовденската литија во чест на Ѓурѓовден и Свети Георгиј Победоносец.

Свеченостите ќе се одржат во четврток, 7 мај 2026 година во храмот „Св. Георгиј“ во Струга, каде ќе се служи архиерејска литургија, по што ќе следува традиционалната литија низ градските улици. Централниот настан и оваа година ќе биде носењето на моштите на светецот, кои симболично ќе ја осветат Струга и ќе донесат благослов за сите верници.

Според програмата, денот ќе започне со утринска богослужба, а потоа ќе следи свечен пречек на високи црковни достоинственици и одржување на архиерејската литургија. Попладневните часови се резервирани за пречек на моштите на Свети Георгиј, по што ќе започне и препознатливата струшка литија – еден од најзначајните духовни настани во регионот.

На раскошно украсени епитафи, со локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, со традиционалните торжества, со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица, ќе тргнат од храмот посветен на светителот ќе поминат низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и ќе го осветат градот.

Според традицијата и годинава поворката ќе ја води церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Меѓу возилото и литијата ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време. Дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.

На чело на Еордијата ќе биде член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Богородичната икона „Гликофилуса“, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, епископот Антаниски г. Партениј.

Моштите и овој пат ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.

Верниците и сите добронамерници ќе се движат после гардата, а оние што не можат да се вклучат во Литијата поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија ќе ги поздравуваат моштите со зборовите „Христос воскресна! Навистина воскресна!”.

По завршувањето на литијата, предвидена е културно-уметничка програма во дворот на храмот, на која ќе можат да присуствуваат сите граѓани и посетители.

Организаторите упатуваат покана до верниците да земат масовно учество и заеднички, во духот на традицијата, да го одбележат празникот на заштитникот на градот, со желба за здравје, мир и благосостојба.

StrugaOnline

error: