КУД „Илинден“ Струга за првпат дел од фестивалот на народна носија и култура „Индуфест“ – Шпанија
Од 27 април до 10 мај, во шпанскиот град Замора се одржува фестивалот на народна носија и култура „Индуфест“, на кој годинава за првпат ќе учествуваат и претставници од Македонија.
Нашата земја ќе ја претставува Љупчо Милошески, заедно со дел од членовите на КУД „Илинден“ од Струга, кои ќе настапат во рамки на завршните фестивалски вечери. Нивното заминување е предвидено за 6 мај, кога ќе се одржуваат и финалните активности на фестивалот.
„Фестивалот започна на 27 април, а ние ќе бидеме дел од завршницата. Во рамки на ‘Индуфест’ се организираат изложби, сценски настапи и културни презентации. Дел од изложбите вклучуваат и народна носија од мојата збирка од етничкиот предел Малесија, од селото Збажди“, изјави за StrugaOnline Милошески.
Тој додава дека за време на нивниот престој, на ревијалниот дел ќе се претстават со уште пет автентични народни носии од неговата колекција, со што ќе се промовира богатото македонско културно наследство пред меѓународната публика.
Ова е шесто издание на фестивалот „Индуфест“, кој секоја година собира учесници од различни земји, а годинава ќе остане запаметен по првото учество на македонски претставници.
StrugaOnline

