60 години од матурата на третата генерација 1962-1966 од струшката гимназија
Во духот на спомените, пријателството и младоста што не згаснува, матурантите од третата гимназиска генерација 1962/1966 при тогашната гимназија „Браќа Миладиновци“ во Струга, на 23 мај 2026 година одбележаа значаен јубилеј – 60 години од матурата.
На средбата се собраа поранешни ученици од Струшко-охридската и Ресенската околија, денес пензионери и успешни професионалци: лекари, инженери, професори, стоматолози, директори, социјални работници, угостителски работници и други. Со прегратки и емоции тие се потсетија на младешките денови и констатираа дека, иако поминале децении од последната средба по повод 50 години од матурата во 2016 година, духот и пријателството останале исти, но бројот на генерацијата, за жал, е намален.
Јубилејната средба се одржа во одморалиштето на Црвениот крст „Солферино“ во Струга, на летната тераса со прекрасен поглед кон Охридското Езеро. Во пријатна атмосфера, со ручек и музика од шеесеттите години, присутните уживаа во песните и мелодиите зачувани од д-р Слободан Попоски, тогашен средношколски трубач.
На собирот имаше повеќе инспиративни обраќања и сеќавања од д-р Слободан Попоски, шумарскиот инженер Слободан Бебекоски и проф. д-р Јордан Стојаноски, автор на „Врапчето“, кој повторно го прочита своето дело и ги потсети присутните на средношколските лудории, овојпат низ призма на денешното време.
Посебен момент беше „класниот час“ што го водеше проф. Стојан Кукунешоски, кој поднесе рапорт за присутните и отсутните соученици, како и за бројните починати членови на генерацијата, на кои им беше оддадена почит со едноминутно молчење. Токму тие, заедно со Иницијативниот одбор, беа главните организатори на оваа јубилејна средба.
Не изостанаа ниту сеќавањата на Јосиф Дејкоски, Климо Стојоски, Јосефина Гоџо, Слаѓана Голабоска, Цвета Јоноска и многу други. Старите фотографии, донесени од присутните, предизвикаа бројни емоции и разговори за времињата што остануваат длабоко врежани во меморијата.
По заедничката фотографија направена за 60-годишнината од матурата, генерацијата се раздели со прегратки и желби за добро здравје и нова средба за две години, повторно во мај.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

