Бронзен медал за најмладите кошаркарки на ЖКК Струга 2009
Младите кошаркарки на ЖKK „Струга 2009“ остварија уште еден значаен успех, освојувајќи го третото место и бронзениот медал во конкуренција на помали пионерки, девојчиња родени 2014/2015 година.
Во натпреварот за третото место стружанки беа подобри од екипата на ЖKK „Петровски“ со резултат 41:25. Натпреварот започна израмнето, но младите кошаркарки на Струга 2009 со одлична игра во третата четвртина направија решавачка предност и заслужено стигнаа до победата.
По четвртини резултатот беше: 11:13, 07:02, 19:03 и 04:07.
Најефикасни во составот на Струга 2009 беа: Кајмакоска со 18 поени, Матеска со 12, Ајдиноска со 8, Чакареска со 2 и Дукоска со 1 поен.
Во големото финале екипата на „Бадел“ славеше против „Вардар“ со 44:40 во неизвесна завршница и ја освои шампионската титула.
Тренерот на ЖKK „Струга 2009“, Владимир Ѓоровиќ, по натпреварот изрази задоволство од постигнатиот успех и посветеноста на своите кошаркарки.
„Горд сум на моите млади кошаркарки кои цела сезона тренираа напорно и работеа со голема желба. Овој бронзен медал е сосема заслужен резултат на нивниот труд, дисциплина и љубов кон кошарката. Им честитам и на екипите на Бадел и Вардар за одличното финале, како и на Петровски за фер и коректната борба“, изјави Ѓоровиќ.
Со овој успех, младите стружанки уште еднаш покажаа дека во Струга растат нови таленти и идни надежи на македонската женска кошарка.
StrugaOnline

