Џудо клуб ДРИМ Струга освои пет медали на престижниот „Kup Slavonca“ 2026 во Хрватска
Џудо клуб „Дрим“ од Струга продолжува да ниже успеси на меѓународната сцена, откако забележа извонреден настап на престижниот турнир „Kup Slavonca“ 2026 во Хрватска, освојувајќи пет медали од исто толку натпреварувачи.
Во силна конкуренција со џудисти од повеќе држави, младите спортисти на струшкиот клуб покажаа врвна подготвеност, борбеност и шампионски дух, уште еднаш потврдувајќи дека Струга создава нови спортски шампиони.
Најголем успех остварија:
- Елеонора Јосифоска, која освои златен медал во категоријата U16 -63 кг,
- Лука Трца со злато во категоријата U14 +66 кг,
- Енил Ајдиноски со златен медал во категоријата U14 -66 кг,
- Софија Ноческа со сребрен медал во категоријата U16 -44 кг,
- Мила Стојмиловска која освои бронзен медал во категоријата U16 -52 кг.
Со одлични борби и сигурни настапи, натпреварувачите на ЏК „Дрим“ Струга доминираа во своите категории и уште еднаш покажаа дека клубот е меѓу најуспешните и најперспективните спортски колективи во регионот.
Од клубот велат дека освоените медали се резултат на долгата и напорна работа, дисциплината и посветеноста на спортистите и тренерскиот тим.
„Презадоволни сме од настапот на нашите џудисти на ‘Kup Slavonca’ 2026. Да се освојат пет медали со пет натпреварувачи е голем успех и доказ дека се работи квалитетно и посветено. Нашите деца покажаа карактер, борбеност и вистински спортски дух. Овој резултат е гордост не само за клубот, туку и за Струга и Македонија“, истакнуваат од ЏК „Дрим“ Струга.
Настапот во Хрватска претставува уште една значајна меѓународна афирмација за клубот, кој во континуитет постигнува успеси и го промовира македонското џудо надвор од државата.
Честитки за сите натпреварувачи и тренери за извонредниот успех и достојното претставување на македонскиот спорт.
StrugaOnline

