Лев банер Десен банер

Плеј Радио одбележува 16 години во етерот – Гласот на Струга и Охрид

Од првото емитување во 2010 година до денес, Плеј Радио останува препознатлив а денеска и единствен медиум и музички бренд во охридско-струшкиот регион.

Плеј Радио 90.4 ФМ денеска одбележува 16 години успешно постоење и работа во македонскиот медиумски простор. На 2 јуни 2010 година радиото за првпат започна да зрачи во етерот, поставувајќи ги темелите на медиум кој со текот на годините стана препознатлив по својата музичка програма, професионален пристап и блискост со слушателите.

Низ годините, со посветена работа и континуиран развој, Плеј Радио изгради тим кој секојдневно се грижи за квалитетна музичка содржина и навремено информирање на јавноста. Следејќи ги различните музички вкусови на публиката, радиото нуди богата програма составена од домашни и светски хитови, безвременски класици и актуелни музички трендови.

„Шеснаесет години успешен опстанок во етерот претставуваат голема чест и одговорност за нас. Од самиот почеток работевме со љубов, ентузијазам и професионалност, градејќи медиум кој ја заслужува довербата на слушателите. Денес зад Плеј Радио стои искусен тим кој внимателно го креира музичкиот избор и се грижи за точно, навремено и објективно информирање. Во изминатите години растевме заедно со нашата публика, инвестиравме во технички унапредувања и се прилагодувавме на современите медиумски предизвици, задржувајќи ја магијата што радиото ја носи како медиум“, велат од екипата на Плеј Радио.

Најголемото признание за успешната работа, како што истакнуваат од радиото, се бројните слушатели од Охрид, Струга и поширокиот регион кои секојдневно испраќаат пораки, честитки и предлози, потврдувајќи дека Плеј Радио останува важен дел од нивното секојдневие.

Од Плеј Радио порачуваат дека и во иднина ќе продолжат да работат со истата енергија, професионалност и посветеност, со цел да останат препознатлив избор за сите генерации слушатели.

StrugaOnline

error: