Струга домаќин на обука за младински лидери од Македонија и Албанија
Струга од 16 до 18 септември е домаќин на обука посветена на младинското лидерство и спречувањето на онлајн насилниот екстремизам и тероризам, на која учествуваат млади лидери од Македонија и Албанија.
На отворањето на обуката „Partnering with Youth Leaders to Prevent Online Violent Extremism and Terrorism in Albania and North Macedonia“, која се одржува во Струга, се обрати претставникот на Општина Струга, Крешник Каба.
Каба им посака добредојде на учесниците и изрази благодарност што Струга е избрана за домаќин на овој значаен настан. Во своето обраќање тој ја нагласи важноста на активното учество на младите во градењето безбедни и отпорни локални заедници.
Посебен акцент беше ставен на потребата младите да знаат како да ги препознаат ризиците, штетните содржини и потенцијалните закани во онлајн просторот, но истовремено да бидат и активни партнери во креирањето решенија и иницијативи за нивните заедници.
Во рамки на тридневната обука, учесниците имаат можност да разменуваат искуства, да работат заеднички и да развиваат идеи и младински иницијативи кои би можеле да најдат примена на локално ниво.
Настанот претставува можност за поврзување на младите од двете земји, поттикнување на меѓусебната соработка и отворање простор за заеднички активности насочени кон создавање побезбедна дигитална и локална средина.
StrugaOnline

