Проекција на документарниот филм „Македонецот“ и изложба „Мајко мила“ на 24 септември во Охрид
Културен настан посветен на корените, историјата и животната приказна на дете-бегалец од Егејска Македонија ќе се одржи во Охрид.
Во четврток, 24 септември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, ќе се одржи културниот настан „Враќање кон корените“.
Настанот е во авторство на режисерот Петро Алексовски од Полска, а се организира со поддршка на Полската амбасада во Македонија.
Во рамки на програмата, присутните ќе имаат можност да проследат обраќања од претставник на Полската амбасада, претставник на Општина Охрид и режисерот Петро Алексовски.
Централниот дел од настанот ќе биде проекцијата на документарниот филм „Македонецот“, создаден според вистинската животна приказна на таткото на режисерот, Мито Алексовски, кој бил дете-бегалец од Егејска Македонија.
Покрај филмската проекција, ќе биде поставена и пропратната изложба со наслов „Мајко мила“, која дополнително ќе ја збогати културната програма.
Влезот за настанот е бесплатен, а организаторите ги покануваат граѓаните да бидат дел од ова културно случување посветено на сеќавањето, потеклото и враќањето кон корените.
StrugaOnline

