ЈП Комунално Струга предлага центар за селекција на отпад како привремено решение за депонијата до стартот на депонијата во Новаци
Директорот на ЈП Комунално Струга учествуваше на јавната дискусија „Од дива депонија до европско решение – решение за Струга“, посветена на изнаоѓање долгорочни и одржливи решенија за еден од најголемите еколошки проблеми во градот.
На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Михалис Рокас, амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, како и претставници на институции, организации и граѓанскиот сектор.
Во своето обраќање, директорот на ЈП Комунално Струга, Ресул Чолаку ги претстави конкретните планови и идеи на претпријатието за воспоставување центар за селекција на отпад, кој би претставувал привремено, но неопходно решение до почетокот на функционирањето на регионалната депонија во Новаци.
Од претпријатието нагласуваат дека современото управување со отпадот бара долгорочна визија, соработка меѓу институциите и континуирани инвестиции во инфраструктурата и системите за третман на отпадот.
ЈП Комунално Струга останува посветено на реализација на конкретни проекти насочени кон заштита на животната средина, подобрување на јавната чистота и создавање поефикасен и поодржлив систем за управување со отпадот во општината.
Учесниците на јавната дискусија се согласија дека решавањето на проблемот со депонијата бара заеднички ангажман на локалните и државните институции, како и поддршка од меѓународните партнери, со цел Струга да добие современо и европско решение за управување со отпадот.
StrugaOnline

