Традиционално по петти пат, во недела во Струга ќе се одржи спортскиот фестивал „Илинден“
Спортскиот фестивал „Илинден“ годинава одбележува мал јубилеј – пет години од своето постоење. Организаторите најавуваат богата спортска и забавна програма, нови содржини за најмладите и повик до сите љубители на спортот да бидат дел од прославата на Илинден на струшкиот кеј.
Фестивалот, кој започна како локална иницијатива, денес ги надминува границите на Струга, привлекувајќи натпреварувачи, посетители и волонтери од различни места.
„Кога го востановивме Спортскиот фестивал „Илинден“, потајно се надевавме дека ќе трае низ годините. Тоа не беше само наша желба како организатори, туку и надеж дека стружани ќе го прифатат фестивалот како свој – како натпреварувачи, публика и волонтери. Денес сме среќни што фестивалот ги надмина локалните граници во сите овие сегменти и што овој 2 Август го дочекуваме со мал јубилеј – пет години Спортски фестивал „Илинден““, изјавуваат организаторите.
Покрај веќе традиционалните дисциплини за рекреативци – пливање, СУП, кајак и струшка такла – годинава за првпат ќе се организираат и две детски трки, во пливање и веслање на ергометри.
„Иднината на фестивалот се децата, затоа воведуваме две нови дисциплини наменети токму за нив. Детските трки ќе бидат можност најмладите преку спортот да учат за другарството, соработката, меѓусебната поддршка и спортскиот фер-плеј“, истакнуваат организаторите.
И ова издание ќе понуди богата придружна програма. Струшките ракотворци, како и гости од други градови, ќе ги изложат своите изработки, а целокупната програма ќе биде збогатена со музички хепенинг.
Организаторите упатуваат покана до сите љубители на спортот да ја посетат Струга и заедно достоинствено да го одбележат празникот.
„Ги покануваме сите љубители на спортот да дојдат на струшкиот кеј, да уживаат во спортските натпревари и празничната атмосфера, почитувајќи ги препораките за лична грижа и грижа за сите посетители на фестивалот“, порачуваат организаторите.
Фестивалот ќе започне во 11:00 часот со ревијални натпревари во ватерполо, додека официјалниот натпреварувачки дел стартува во 12:00 часот со детската трка во пливање. Потоа следуваат натпреварите во кајак, СУП, веслање на ергометри и струшка такла.
StrugaOnline

