Лев банер Десен банер

СВР Охрид направи увид на вандализираните гробови кај храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Боровец

Вандалски чин го потресе струшкото село Боровец, откако беа осквернавени повеќе гробови во кругот на црквата „Св. Богородица“. Според првичните информации, биле искршени и оштетени мермерните плочи на гробните места, што предизвика револт и осуда кај жителите на селото.

Од Секторот за внатрешни работи Охрид потврдија дека случајот бил пријавен во четврток, 30 јули.

„На 30.07.2026 година во 18:30 часот во Полициското одделение во струшкото село Велешта било пријавено дека во кругот на црквата „Св. Богородица“ во селото Боровец биле осквернавени 14 гробови на тој начин што биле оштетени мермерните плочи. Увид на местото извршија полициски екипи и се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што ќе следува соодветна пријава“, информираат од СВР Охрид.

Настанот предизвика вознемиреност кај локалното население, кое бара што побрзо откривање и санкционирање на сторителите. Жителите ваквиот чин го оценуваат како грубо непочитување на вечните почивалишта и навреда кон семејствата на починатите, како и кон верските и културните вредности на заедницата.

Полицијата продолжува со истрагата, а по целосното расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава против сторителите.

Извор: СВР Охрид, фото: архива

StrugaOnline

error: