Лев банер Десен банер

Утре во Струга започнува 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“

Од 12 до 15 август, Струга повторно ќе биде центарот на македонскиот и регионалниот ракомет. На отвореното игралиште „Горан Попоски – Бабец“ ќе се одржи 54. издание на традиционалниот Меѓународен ракометен турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“.

Шест екипи ќе се борат за престижниот трофеј – домаќинот Струга, Вардар, Охрид, Бутел Скопје, Прилеп и српскиот претставник Дубочица од Лесковац. Турнирот и годинава носи силна конкуренција и претставува една од најважните подготовки пред почетокот на новата ракометна сезона.

Турнирот ќе започне утре (12 август) со натпреварот меѓу Вардар и Прилеп од 18:30 часот, по што е предвидено свеченото отворање. Вечерта ќе заврши со вистински езерски двобој – од 21:15 часот ќе се соочат домаќинот Струга и актуелниот победник Охрид.

Во групната фаза, на 13 август ќе играат Прилеп – Бутел Скопје и Охрид – Дубочица Лесковац, додека на 14 август се закажани дуелите Струга – Дубочица и Бутел Скопје – Вардар.

Завршницата е предвидена за 15 август. Во 10:00 часот ќе се игра натпреварот за петтото место, од 18:30 часот е дуелот за третото место, додека големото финале ќе започне во 20:30 часот.

Особено внимание ќе привлече настапот на Вардар, кој во Струга пристигнува како освојувач на двојната круна во македонскиот ракомет. „Црвено-црните“ ќе имаат можност да атакуваат на уште еден трофеј, а евентуалниот триумф би бил нивен 15. на Струшкиот турнир. Тренерот Иван Чупиќ најавува дека покрај резултатот, натпреварите ќе бидат важни и за воигрување на новиот состав пред предизвиците во новата сезона.

Своите амбиции ги има и Охрид. „Гладијаторите“ во Струга пристигнуваат како бранители на трофејот, откако минатата година во финалето го совладаа Бутел Скопје со 30:24 и за првпат во клупската историја го освоија престижниот турнир. Дополнителна тежина на нивниот настап му дава и фактот што Охрид во новата сезона влегува како освојувач на ЕХФ Европскиот куп.

Но, Струшкиот турнир одамна не е само борба за трофеј. Настанот има традиција подолга од половина век, а првото издание било одржано во 1973 година. Низ годините, покрај Охридското Езеро настапувале голем број познати ракометари, тренери и клубови, што го прави турнирот еден од најпрепознатливите спортски настани во Македонија и регионот.

За домаќинот Струга, пак, ова ќе биде можност пред домашната публика да се претстави во силна конкуренција. Турнирот традиционално претставува и прва голема проверка на формата на екипите пред почетокот на новата сезона.

StrugaOnline

error: