Лев банер Десен банер

Свечено одбележано 12-тото издание на „Струшки книжевни средби 2026“

Струга повторно беше домаќин на значаен книжевен настан кој ги обедини авторите од Македонија и регионот, со богата програма, доделување признанија и промоција на новото издание на списанието „Бранувања“.

Во срцето на поетска Струга, во конгресната сала на хотелот „Дрим“, вчера свечено беше одбележано 12-тото издание на манифестацијата „Струшки книжевни средби 2026“.

Манифестацијата, која традиционално ја организира Здружението за литература и култура „Бран 2010“, продолжува да ја негува идејата на нејзиниот основач, истакнатиот поет Петко Шипинкаровски, за афирмација, вреднување и зачувување на пишаниот збор.

И годинава Струга беше место на средба на различни книжевни традиции и култури. На манифестацијата учествуваа 12 странски автори од Бугарија, Црна Гора, Србија, Хрватска и Косово, како и истакнати македонски и албански поети од земјата и регионот.

Во рамки на свеченоста беа доделени и наградите и јубилејните признанија „Петковиот аманет“, со кои се оддава признание за значаен придонес во литературата, културата и уметноста.

Добитници на признанијата се:

  • Награда за животно дело – култура, литература и новинарство: Веле Митаноски

  • Награда за животно дело – драматургија: Ристе Миладин

  • Странски автор на годината – за особен придонес во културата: Валерио Орлиќ од Хрватска

  • Автор на годината на „Македонска поетска ризница“: Ана Бунтеска

  • Млади автори на годината на „Македонска поетска ризница“: Магдалена Петровска и Евгенија Пешинска

Признанијата се уште една потврда за значењето на книжевното творештво и за придонесот на авторите во развојот и афирмацијата на културата.

Во рамки на „Струшки книжевни средби 2026“ беше промовиран и 21. број на списанието за литература и култура „Бранувања“.

На повеќе од 210 страници, најновото издание обединува творештво и прилози од повеќе од 60 автори, распоредени во неколку рубрики:

  • „Македонска поетска ризница“

  • „Македонска поетска ризница – најчитани песни“

  • „Првите цутови“

  • „Време минато, време сегашно“

  • „Отворени страници“

Од поезијата и прозата, преку научната мисла и книжевната критика, „Бранувања“ и ова издание го продолжува настојувањето за афирмација на домашното литературно творештво и создавање простор за нови и веќе афирмирани автори.

Со 12-тото издание, „Струшки книжевни средби“ уште еднаш ја потврди својата улога како место за средба на поетите, писателите и љубителите на литературата од Македонија и регионот.

Во духот на аманетот на Петко Шипинкаровски, манифестацијата продолжува да го чува и промовира живиот збор, потврдувајќи ја Струга како значаен центар на книжевниот и културниот живот.

StrugaOnline

error: