ЖРК Струга до втора победа во Првата лига против ЖРК Гевгелија Југ
Ракометарките на Струга продолжуваат со одличниот старт во дебитантската сезона во сениорската Прва лига. По триумфот на гостувањето кај Јехона во Гостивар, стружанки ја запишаа и втората победа, овојпат на домашен терен против Гевгелија Југ со минимални 26-25.
Избраничките на Владимир Паноски и Теодора Гуллицоска одиграа натпревар со многу пресврти, во кој победникот беше решен во самиот финиш.
Струга одлично го отвори мечот и рано поведе со 5-1, а до полувремето успеа да ја задржи предноста. На паузата домаќинките имаа водство од 16-12.
Гостинките, сепак, не се предадоа. Во вториот дел Гевгелија Југ заигра поангажирано, па по десетина минути игра успеа да стигне до израмнување од 19-19.
Следуваше неизвесна завршница. Струга повторно се одвои на три гола предност на стартот од последните десет минути, но Милевска со серија од три погодоци го врати натпреварот во егал – 24-24.
Во клучните моменти домашниот состав остана смирен. Ашталкоска и Димитроска реализираа два важни напади за Струга, додека Попова успеа само да намали на 26-25. Стружанки потоа умешно го задржаа поседот до последниот свиреж и ја прославија втората победа во шампионатот.
Најефикасни во победничкиот состав беа Елена Ѓонеска со осум гола и Матеа Димитроска со шест погодоци.
StrugaOnline

