Учениците од ООУ „Браќа Миладиновци“ од Струга освоија прво место на „Lake Guardians Challenge“
Учениците од VIII и IX одделение од ООУ „Браќа Миладиновци“ од Струга го освоија првото место на меѓународниот Beach Cleanup Day – „Lake Guardians Challenge“, откако собраа најмногу отпад во рамки на еко-акцијата.
Настанот се одржа на 19 септември на плажата пред „Солферино“ во Струга, а беше организиран во соработка со Youth For Struga. Учениците преку заедничка работа, ентузијазам и одговорен однос кон животната средина се вклучија во чистењето на крајбрежјето на Охридското Езеро.
Во рамки на активностите беа реализирани теренска еко-акција, селекција на собраниот отпад и еко-квиз, преку кои учесниците имаа можност не само да придонесат за почисто крајбрежје, туку и да го прошират своето знаење за заштитата на природата и животната средина.
Првото место за најмногу собран отпад претставува признание за ангажманот на учениците и нивната посветеност кон заедницата и природата.
Од училиштето упатија честитки до учениците за нивниот ангажман и истакнаа дека ваквите активности се пример за тоа како со тимска работа и лична одговорност може да се придонесе кон зачувување на природните богатства.
„Малите чекори создаваат големи промени“ беше пораката што учениците ја испратија со своето учество, потсетувајќи дека грижата за Охридското Езеро и животната средина започнува од секој поединец.
StrugaOnline

