Струшките џудисти со 10 медали на натпревари во Рожаје и Ниш
Два натпревари, две држави и одличен настап на џудистите од Џудо клубот „Дрим“ Струга.
Струшките млади борци викендов настапија на натпревари во Рожаје, Црна Гора, и Ниш, Србија, каде уште еднаш ја покажаа својата борбеност, карактер и желба за успех.
Во Рожаје, членовите на ЏК „Дрим“ Струга освоија вкупно шест медали. Со сребрени медали се закитија Давид Спироски, Енил Ајдиноски, Амар Бајрамоски, Даријан Ночески и Софија Ноческа, додека Мила Стојанова освои бронзен медал.
Успешен настап струшкиот клуб имаше и во Ниш, каде беа освоени уште четири медали. Мартина Салви се искачи на највисокото место на пиедесталот и освои злато, додека со бронзени медали се закитија Лука Трца, Ненад Костоски и Ајлин Бајрамоска.
Покрај освоените медали, од Џудо клубот „Дрим“ Струга посочуваат дека особено се важни и настапите на Михаил Н., Матеј Д., Дамјан П. и Сергеј Б., кои прикажаа одлични борби, иако овојпат не успеаја да стигнат до медал.
„Медалите се важни, но карактерот што се гради на татами е уште поважен“, велат од струшкиот џудо клуб, потенцирајќи дека секој настап претставува ново искуство и можност за напредок.
Од клубот упатија благодарност до домаќините во Рожаје и Ниш за гостопримството и одличната организација на натпреварите.
Со нови искуства зад себе, струшките џудисти продолжуваат со тренинзи и подготовки за следните предизвици.
StrugaOnline

