Театарската претстава „КЛОВН“ од утре на сцена на Народниот Театар Охрид
Народен Театар Охрид од утре, вторник (29 септември), па сè до петок (2 октомври), ќе биде во знакот на детската смеа, радост и театарската магија. На сцената ќе биде изведена претставата „КЛОВН“, наменета за најмладата публика од училиштата на територијата на Општина Охрид.
Во текот на четирите дена, претставата ќе ја проследат околу 1.500 ученици, кои ќе имаат можност преку театарот да се запознаат со една поинаква, забавна и интерактивна приказна.
„КЛОВН“ е авторски текст на Кристина Тодороска Петреска, создаден по мотиви на „Се бара стар кловн“ од Матеј Висиек, а претставата е во режија на Ѓорѓи Ризески.
Во актерската екипа настапуваат Адријана Билаловиќ Тодороска, Павел Маслов, Биљана Билаловиќ Вељаноска и Филип Кипровски, кои пред најмладата публика ќе ја донесат приказната исполнета со хумор, игра и театарска енергија.
За визуелниот изглед на претставата, односно костимите, се погрижи Моника Гачева, додека кореографијата е на Сања Русевска.
Од Народен Театар Охрид најавуваат четири дена исполнети со детска смеа и радост, со цел најмладите охриѓани да уживаат во театарската уметност и да создадат нови спомени во театарската сала.
StrugaOnline

