Лев банер Десен банер

Во Струга одбележани 30 години од ПХВ програмата на Црвениот крст

Три децении волонтерство, хуманост, заедништво и бројни успешни приказни беа одбележани на свечен настан по повод 30 години од ПХВ програмата на Црвениот крст, кој на 25 септември се одржа во просториите на EUROPE House – Struga.

На настанот присуствуваа голем број волонтери, членови и поддржувачи на Црвениот крст – луѓе кои низ годините биле дел од ПХВ програмата, растеле и се развивале преку неа, учествувале во различни активности и проекти и со својата посветеност придонеле кон нејзиниот развој.

Со свои поздравни обраќања и благодарност до сите кои низ годините биле дел од оваа хуманитарна приказна се обратија секретарот на Општинската организација на Црвениот крст – Струга и дисеминаторите во ПХВ програмата.

Одбележувањето на јубилејот беше можност да се направи своевидно патување низ изминатите 30 години – низ реализираните активности, проектите, фотографиите, спомените и успешните приказни кои ја одбележаа ПХВ програмата.

Но, зад трите децении не стои само една програма, туку илјадници млади луѓе, бројни волонтерски часови, реализирани иницијативи, создадени пријателства и многу примери на солидарност и хуманост.

ПХВ програмата низ годините им овозможи на младите да стекнуваат нови знаења и искуства, да се вклучуваат во заедницата и преку конкретни активности да покажат дека и малите чекори можат да придонесат кон позитивни промени.

Посебна благодарност на одбележувањето беше упатена до основните и средните училишта, нивниот наставен и стручниот кадар, како и до учениците, кои со својата хуманост, ентузијазам и посветеност придонесоа за реализацијата на бројни ПХВ проекти.

Од првите чекори до денес, ПХВ продолжува да ги поттикнува младите да волонтираат, да помагаат и активно да придонесуваат во својата заедница.

StrugaOnline

error: