Младите во фокусот на Општина Струга: Се ревидира стратегијата за нивните потреби и приоритети
Општина Струга продолжува со активностите за унапредување на младинските политики, преку процесот на ажурирање на Локалната младинска стратегија и нејзино усогласување со Агендата за млади, мир и безбедност.
Во рамки на овој процес, во Општина Струга се одржа консултативна средба на која учесниците ја разгледаа и ревидираа постојната стратегија, ги идентификуваа клучните приоритети и дискутираа за конкретни предлози кои ќе послужат како основа за подготовка на Акцискиот план за наредниот период.
Еден од главните заклучоци од средбата е дека дел од целите предвидени во младинската стратегија веќе се реализираат преку различни општински програми, особено во областите на спортот, поддршката на граѓанските организации, туризмот, образованието и родовата еднаквост.
Во таа насока, во претстојниот период акцентот ќе биде ставен на подобра координација меѓу општинските програми, ажурирање на стратегијата и подготовка на реален и спроведлив Акциски план, со јасно дефинирани приоритети и мерливи резултати.
Покрај тоа, во наредниот период се очекува да започне и процесот за воспоставување Локален младински совет, кој треба да претставува важен механизам за директно вклучување на младите во креирањето на локалните политики и донесувањето одлуки што ги засегаат.
Целта е преку усогласена стратегија, конкретен Акциски план, Програма за млади и функционален Локален младински совет да се создадат услови младите да имаат поголема можност за учество, да го изразат својот глас и активно да придонесуваат во развојот на локалната заедница.
Од Општина Струга порачуваат дека младите не се само иднината на градот, туку и важен дел од неговиот сегашен развој.
StrugaOnline

