Започна чистењето на главниот канал во Мислешево – интервенција за спречување на поплави во населеното место
Започна чистењето на главниот канал во струшкото село Мислешево, во должина од околу еден километар, со цел да се намали ризикот од поплавување на домовите во населбата.
Станува збор за канал кој, според информациите од Општина Струга, досега не бил чистен, а е идентификуван како една од главните причини за појава на поплави во овој дел од населеното место.
Иако ваквиот зафат не е во директна надлежност на Општината, по барање на жителите и имајќи ја предвид сериозноста на проблемот, градоначалникот на Струга, Менди Ќура, ја презеде обврската за интервенција. Тој излезе на терен за непосредно да ги следи работните активности.
Чистењето на каналот претставува значаен превентивен зафат, особено имајќи ги предвид проблемите со поплавувањето со кои се соочувале жителите на Мислешево.
Од Општина Струга посочуваат дека навремената превенција е од особено значење за намалување на ризикот од поплави и заштита на домовите и имотот на граѓаните.
„Превенцијата од поплави бара навремена интервенција. Дури и кога одредени активности не се во директна надлежност на Општината, проблемите и барањата на граѓаните заслужуваат внимание и ангажман“, посочуваат од локалната самоуправа.
Од Општина Струга најавуваат дека ќе продолжат со преземање превентивни мерки и активности насочени кон намалување на ризикот од поплави, заштита на имотот и поголема безбедност на жителите.
StrugaOnline

