СВР Охрид предупредува: Зачестени интернет измами со лажни пораки за „Безбеден град“ и ветувања за брза заработка
СВР Охрид упатува сериозно предупредување до граѓаните поради повторно зачестените пријави за различни видови интернет и компјутерски измами, меѓу кои и лажни известувања за наводно сторени сообраќајни прекршоци регистрирани од системот „Безбеден град“.
Според информациите од полицијата, граѓаните добиваат СМС и други електронски пораки од странски телефонски броеви, како и линкови до лажно креирани веб-страници, преку кои измамниците се обидуваат да дојдат до нивните лични и банкарски податоци.
Дел од измамите се поврзани со наводни инвестициски можности и тргување, при што на граѓаните им се ветува голема заработувачка и материјална корист доколку вложат пари или ги внесат своите банкарски информации преку испратените линкови и различни интернет-апликации и социјални мрежи.
Особено внимание привлекуваат и измамите поврзани со системот „Безбеден град“. Во овие случаи, граѓаните добиваат пораки дека наводно сториле сообраќаен прекршок, со линк преку кој треба да платат одредена сума пари.
Од СВР Охрид апелираат граѓаните да бидат особено внимателни, да не ги отвораат сомнителните линкови, да не внесуваат лични и банкарски податоци и да не вршат уплати врз основа на вакви пораки. Секој сомнителен случај треба да биде пријавен во најблиската полициска станица.
Од полицијата потсетуваат дека официјалните СМС-известувања за сообраќајни прекршоци регистрирани од системот „Безбеден град“ се испраќаат од испраќачот „MVR SC“. Овие известувања содржат целосни податоци и фотографии за возилото со кое е сторен прекршокот, како и линк до официјалната веб-страница со соодветен домен.
Надлежните апелираат на зголемена претпазливост, бидејќи со само еден клик на лажен линк граѓаните можат да ги изложат на ризик своите лични податоци и финансиски средства.
StrugaOnline

