Струга домаќин на меѓународна обука поддржана од НАТО за примена на вештачка интелигенција во справување со кризи
Струга е домаќин на меѓународната обука „NICS-2 Training“, која се одржува од 8 до 14 ноември, со учество на експерти од Украина и домашни специјалисти. Обуката е дел од меѓународен проект поддржан од програмата на НАТО „Наука за мир и безбедност“.
По тој повод, градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, им додели благодарници на учесниците, при што беше истакнато значењето на ваквите меѓународни иницијативи за унапредување на соработката и јакнење на институционалните капацитети.
Главниот фокус на обуката е примената на современите дигитални технологии и вештачката интелигенција во управувањето со кризни и вонредни ситуации, со цел подобрување на координацијата и ефикасноста при справувањето со различни предизвици.
Во рамките на активностите беше нагласена важноста на размената на знаења и искуства меѓу меѓународните експерти и домашните институции, како и потребата од континуирано унапредување на капацитетите за навремено и ефикасно реагирање во кризни ситуации.
Од Општина Струга посочуваат дека градот останува отворен за меѓународни иницијативи и проекти кои придонесуваат за унапредување на безбедноста, развој на современи решенија и зајакнување на институционалните капацитети.
StrugaOnline

