Драмата „Тајната на Свештеникот“ после дваесет и седум години се враќа на сцената на ЦК „Браќа Миладиновци“ во Струга

- Интервју, Локални
3729

Во понеделник на 15.05.2017 г. со почеток во 20:30 ч. во Центарот на култура Браќа Миладиновци  – Струга ќе биде прикажана праизведбата на драмата „Тајната на Свештеникот“ во режија на Ристе Миладин. Станува збор за претстава која на истата сцена е играна во 1990 година, а во понеделник ќе ја доживее својата праизведба. Во „Тајната на Свештеникот“ играат: Ристе Миладинов, Христина Матоска, Матеја Миладинова, Петар Миладинов, Јован Затуроски, Константин Миладинов, Зоран Симоноски, Славе Краљевски, Петарчо Кочоски, Душко Матоски, Марија Анѓелоска, Сара Георгиева, Марија Чочороска, Танчер од студио за Танц „Баx“. Околу содржината на претставата разговаравме со режисерот Ристе Миладин, и Зоран Симоноски кој е дел од актерската екипа и го игра ликот на Тодор.

Strugaonline: Претставата „Тајаната на Свештеникот“ е играна и во 1990 година и тоа не само во Македонија туку и надвор од нашите граници. За сите оние кои за прв пат ќе ја проследат во понеделник, да откриеме дел од содржината.

Ристе Миладин: Во далечната 1990 година во соработка со црквата Свети Ѓорѓија, односно со отец Ефтим Велкоски кој моментално е на служба во Шведска разговаравме за идејата да се направи претстава. Тој ми предложи црковна, верска претстава, но ми спомена дека се работи за некој расказ па размислувавме како тоа ќе се преобрази во драмски текст. Но среќно заврши таа приказна. Пред 27 години имаше многу голем одзив. Низ Македонија ја одигравме во повеќето градови, а исто така и во Германија. Откако драмата ја претставивме во  Бугарија потоа на нивно барање им гостувавме уште три пати. Во претставата се работи за Православието и неговите Свети тајни. Овде се обработува темата на тајната исповед. Она што човек го исповеда кај Отецот, тој е должен да ја чува таа тајна без разлика за што се работи. Во „Тајната на Свештеникот“ се работи за исповед на еден Мирјанин, што понатаму ќе се случува останува публиката да види во понеделник.

Strugaonline: Иако оваа претстава сте ја играле пред 27 години, сигурно Ви се свежи сеќавањата за реакциите на публиката, бидејќи најважна е вибрацијата која ја праќа публиката. Како беше тогаш, а што очекувате денес?

Ристе Миладин: Во 1990 година интересот беше многу голем, моравме два до три пати да ја репризираме. Граѓаните на Струга беа изненадени дека една аматерска група може да подготви таква претстава.  Иницијативата за враќање на претставата на репертоар беше и од помладите и од постарите членови на Драмското Студио „Миладин“. Мислам дека интересот е многу голем затоа што многу луѓе ме прашуваат кога ќе биде претставата.

Strugaonline: Префарлајќи се на актерската екипа , Зоран Симоновски – вие го играте ликот на Тодор, ајде да го доближиме ликот до публиката со сите негови карактеристики.

Зоран Симоноски: Пред 27 години најпрво го играв ликот на Иван. Тој беше еден верник кој целиот свој живот и го посветил на црквата. Имотот кој го поседува тој го дава на сиромашните луѓе, а сега во понеделник го играм ликот на Тодор кој е вистинска спротивност на Иван. Тодор е алчен човек кој не го признава ниту Бог ниту ја признава верата. Преку ликот на Тодор се претставува алчноста на човекот и до каде истата може да стигне. Откако Тодр нема да може да се разбере со Иван решава да го убие. Тоа злодело ќе му донесе многу несреќни околности, а потоа почнува да верува во Бог и истото го признава.

Strugaonline: Тешко ли е да се игра Тодор, со оглед на тоа дека во 1990 година сте играле спротивен лик?

Зоран Симоновски: Можам да кажам дека е и не е тешко. Во театар играм 35 години и можам слободно да кажам дека ова е една од најубавите драми. Кога бев дете многу размислував што значи тоа „штиците што живот значат“ кога велеа така за театарот. Кога почнав да играм тоа го сфатив, секоја улога ја сакам и ја работам со задоволство.

Strugaonline: Кои се следните активности кои ги планира Драмското студио „Миладин“?

Ристе Миладин: Наредната година јас прославувам педесет години од мојата аматерска активност во драмската уметност. Во Струга се навршуваат сто и десет години од драмскиот организиран живот. Секогаш аматерскиот театар во Струга е многу подржуван од граѓаните, интересот секогаш бил доста голем. Затоа истовремено чувствувавме и обврска и поттик да постоиме. Во последниве 10 години постоиме како Драмско студио „Миладин“ кое секоја година остварува по пет премиерни претстави. Оваа година имавме премиера на „Снежана и седумте џуџиња“, сега е „Тајната на Свештеникот“. Во наредниот период сеуште немаме одредено кои претстави ќе се играат. Но, следната година ќе стартуваме со една многу добра трагедија која се вика „Наследство“, на тој начин ќе одбележиме 110 години драмски живот во Струга и 50 години моја активност.

Извор: StrugaOnline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари