Утре во Струга и Охрид започнува големата вежба на НАТО „Македонија 2021“

- Локални, Останати
847

Меѓународната вежба „Македонија 2021“  официјално ќе започне утре, понеделник 20-ти септември 2021, во Касарната во Охрид, а ќе се одвива на територијата на двете општини Струга и Охрид.

Станува збор за активност во рамки на Агендата на НАТО 2023 за цивилна подготвеност на земјите-членки на Алијансата.

Вежбата ќе се одвива по сценарио за соочување на државата со можно сценарио на катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион и начинот на искористувањето на своите ресурси, како и помош од партнерите од НАТО во услови кога се исцрпени сите постоечки капациети за справување со кризата.

Главни цели на вежбата ќе биде тестирање на капацитетите и ресурсите на Системот за управување со кризи, проверка на подготвеноста на т.н. (NICS) – Напреден систем за централно следење и управување со кризи со Команден центар што во реално време ќе може да управува со сите расположиви ресурси на регионално ниво, како и проба на мерката за слободен проток на техника и луѓе преку границите меѓу членките на НАТО во случаи на кризи.

Главниот координатор на вежбата од НАТО Вим Ванхаме нагласи дека се работи за цивилна, а не воена вежба.

– Безбедноста не се остварува само преку воени средства. Мисијата на НАТО подразбира безбедност на државите-членки во воени, но и во услови на кризи и природни несреќи. Активностите и вежбите на НАТО како „Македонија 2021″ ни даваат можност да ја провериме подготвеноста на нашите цивилни капацитети за соочување и справување со кризи, но уште повеќе да ја промовираме и продлабочуваме регионалната соработка и интероперабилност. За Македонија како организатор оваа вежба претставува потврда на нејзиниот успешен пат од парнерство до членство во НАТО, рече Ванхаме.

На настанот ќе учествуваат претставници од 28 држави членки и парнери на НАТО и неколку меѓународни организации. Како што беше истакнато, вежбата ќе им овозможи на екипите за брза реакција во кризи, но и на планерите и проценителите, да разработуваат и вежбаат активности за потрага и спасување во урбана средина, но и на вода и во планина, потоа вежби на медицински тимови за итни случаи, но и активности на екипи за детекција и идентификација на хемиски, биолошки и радиолошки агенси, како и активности поврзани со дезинформации.

Facebook Коментари