Лев банер Десен банер

Две победи и едно реми за ракометните екипи на РК Струга

Ракометните екипи на РК Струга имаа успешен викенд, остварувајќи две победи и едно реми во натпреварите од домашните натпреварувања.

Пионерскиот состав на Струга, во рамките на осмото коло од Пионерската лига, на домашен терен во саботата ја пречека екипата на РК Македонија Ѓорче Петров од Скопје. Стружани одиграа одличен натпревар и забележаа убедлива победа со резултат 30:20.

До нови бодови стигна и сениорскиот состав на Струга, кој во рамките на 10. коло од Суперлигата го совлада Куманово со 27:23. Во интересен и неизвесен натпревар, избраниците на Божидар Мојсов мораа добро да се испотат за да стигнат до победата, бидејќи гостите долго време беа во игра за позитивен резултат. При резултат 20:20 неизвесноста беше присутна до самиот финиш, но Струга во завршницата успеа да го скрши отпорот на противникот и да ги освои бодовите.

Најзаслужни за победата беа голманот Мартин Јовановски со 15 интервенции, како и Ненад Костоски и Никола Јукиќ, кои постигнаа по осум погодоци. Во редовите на Куманово, Григор Трајковски забележа 11 одбрани, додека Омар Мамду Солиман беше најефикасен со девет голови.

Со оваа победа, Струга се вклучи во трката за пласман во плеј-офот. Тимот сега има девет бода и се наоѓа на седмата позиција на табелата, со два бода помалку од петтопласираниот Тиквеш и еден бод помалку од Прилеп, кој се наоѓа на шестото место.

Викендот со позитивен резултат го завршија и кадетите на РК Струга, кои во дуелот против РК Пролет од Скопје одиграа нерешено 23:23.

Така, зад стружани е успешен натпреварувачки викенд со две победи и едно реми, што претставува добар резултат за клубот во сите возрасни категории.

StrugaOnline

error: