ЏК „ДРИМ“ Струга блесна на три меѓународни турнири во три држави
Џудо клубот „ДРИМ“ уште еднаш потврди дека претставува еден од најуспешните спортски колективи во регионот, откако на 16 мај 2026 година истовремено настапи на три различни меѓународни натпревари во три држави – Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија, освојувајќи бројни медали и врвни пласмани.
Струшките џудисти настапија во Подгорица, Соколац и Скопје, покажувајќи висок квалитет, дисциплина и борбен дух на татамите. Со одлични борби и силна конкуренција, клубот успеа достоинствено да ги претстави Струга и Македонија на меѓународната сцена.
Во Подгорица, Мила Стојанова освои сребрен медал, додека на турнирот во Скопје со златни медали се закитија Ајлин Бајрамоска и Амар Бајрамоски. Сребрени медали освоија Ненад Костоски, Филип Шипоски и Мартина Салви, додека бронзени беа Драгица Рафтоска и Борис Мицкоски.
Особено успешен настап клубот имаше и во Соколац, каде Елеонора Јосифоска освои злато во категоријата У14 и сребро во У16, додека со златни медали се закитија и Енил Ајдиноски, Дариан Ночески и Софија Ноческа. Сребрен медал освои Божидар Јуловски, а бронзени медали освоија Мила Стојмиловска и Ѓорѓи Јуловски.
Од клубот истакнуваат дека овој успех е резултат на долгогодишна работа, дисциплина и огромна посветеност на натпреварувачите, тренерите и родителите.
„Горди сме што во еден ден успеавме достојно да го претставуваме клубот на три различни меѓународни сцени. Ова е доказ дека ЏК „ДРИМ“ Струга расте во вистински шампионски колектив. Нашите деца покажаа срце, храброст и огромна љубов кон џудото. Благодарност до сите натпреварувачи, тренери и родители кои се дел од оваа успешна приказна. Продолжуваме уште посилно – за Струга и за Македонија“, изјавија од клубот.
Со новите успеси, Џудо Клуб „ДРИМ“ повторно покажа дека е вистински спортски амбасадор на Струга и Македонија, градејќи генерации млади спортисти со шампионски дух.

