Пионерите на „Динг“ Струга продолжуваат со победничка серија – совладан Еурофарм Пелистер
Пионерската екипа на Ракометна школа „Динг“ Струга продолжува со одличните настапи на домашен терен, откако во рамките на 14. коло забележа нова убедлива победа.
Стружани во саботата ја совладаа екипата на Еурофарм Пелистер 1 со резултат 20:13, во натпревар исполнет со силна борба и цврста игра во одбраната од двете страни. Средбата се одликуваше со машка и бескомпромисна игра, каде што домашниот состав покажа поголема концентрација и дисциплина.
Тренерскиот тим им даде шанса на сите ракометари, а тие возвратија со максимален ангажман и успешно ги исполнија поставените задачи, што на крај резултираше со сигурна победа и нови бодови на контото.
Во следното коло, Ракометна школа „Динг“ Струга повторно ќе игра пред својата публика, каде ги очекува сериозен предизвик против екипата на Мулти Есенс од Скопје. Натпревар кој најавува нова возбудлива пресметка и можност за продолжување на победничката серија.
StrugaOnline

