Струга 2009 доминираше на Меѓународниот кошаркарски турнир „Струга 2026“ со три освоени пехари
Трето издание по ред на традиционалниот Меѓународен кошаркарски турнир „Струга 2026“ донесе одлична кошарка, интересни натпревари и успешен настап на домаќинот ЖКК Струга 2009, кој турнирот го заврши со три освоени пехари.
На овогодинешното издание учествуваа пет екипи – ОКК Багдала од Крушевац, Србија, КС Тирана од Албанија, ГКК Охрид и домаќинот ЖКК Струга 2009. Натпреварите се одиграа во три возрасни категории – пионерки, кадетки и јуниорки.
Во кадетската конкуренција, Струга 2009 во финалето ја совлада Багдала и го освои првиот пехар. Во мечот за третото место Тирана беше подобра од Охрид.
Успехот продолжи и во пионерската конкуренција. По победата над Багдала во финалето, стружанките стигнаа до вториот трофеј на турнирот, додека Тирана го освои третото место по триумфот над Охрид.
Кулминацијата на турнирот дојде во јуниорската конкуренција, каде Струга 2009 и Охрид одиграа решавачки натпревар за трофејот. Во неизвесна завршница, домашната екипа славеше со само еден поен разлика и стигна до својот трет пехар.
Интересно е што за МВП пионерки беше прогласена Моника Дукоска,
МВП кадетки Мила Дукоска
и МВП јуниорки Сиандра Зиба,
сите од ЖКК Струга 2009.
Тренерот на ЖКК Струга 2009, Владимир Ѓоровиќ, е задоволен од организацијата и настапот на своите кошаркарки.
„Мислам дека нашата традиција успешно продолжува и секоја година станува сè посериозна. Ова издание го збогативме со екипи од регионот, а се надеваме во иднина да имаме учесници и од пошироко. Турнирот беше добро организиран, победи спортот, како и секогаш на ваквите настани, а гостинските екипи беа задоволни од приемот“, вели Ѓоровиќ.
Тој упати благодарност до сите учесници, со посебен акцент на гостинските екипи од странство, како и до сите кои помогнаа во организацијата.
„Сакам посебно да им се заблагодарам на сите екипи учесници, особено на тие од странство, и да им порачам дека со нетрпение го очекуваме нашето следно видување. Благодарност и до Општина Струга и градоначалникот Менди Ќура, Спортски центар Тими, хотелите Палас и Солферино, Вила Ајдиноски, Рконтрол, Ултрас кафе и Корнер Протеин, кои помогнаа овој турнир да биде успешно организиран“, додаде тренерот на Струга 2009.
Третото издание на Меѓународниот кошаркарски турнир „Струга 2026“ уште еднаш покажа дека Струга има потенцијал да биде домаќин на квалитетни младински спортски натпревари, а успешниот настап на домашната екипа е дополнителен мотив традицијата да продолжи и во иднина.
StrugaOnline

