Охриѓанецот Димитар Веслиевски со нова песна „Приказна за нас“ – младата музичка надеж продолжува да создава авторска музика
Младиот охриѓанец Димитар Веслиевски продолжува да го гради својот музички пат и да ја освојува публиката со авторски песни исполнети со емоции и личен творечки печат. По дебитантската песна „Твоето име“, 19-годишниот Димитар ја претставува својата нова музичка приказна насловена „Приказна за нас“.
Љубовта кон музиката кај младиот охриѓанец се родила уште во најраните години, а со текот на времето прераснала во силна желба да создава сопствени композиции и преку нив да ги споделува своите чувства и размислувања со публиката.
Неговиот прв посериозен чекор на музичката сцена беше песната „Твоето име“, со која се претстави како млад автор подготвен да го изгради сопствениот музички идентитет. Посебна вредност на ова издание беше фактот што текстот го напиша самиот Димитар, пренесувајќи ја својата емоција преку стиховите.
Во реализацијата на неговата дебитантска песна значајна поддршка доби од познатиот македонски продуцент, композитор и аранжер Хари Котларовски. Визуелната приказна беше заокружена со видеоспот реализиран во студиото на Даниел Јовески.
Но, по првото музичко претставување, Димитар не застанува. Неговото најново издание „Приказна за нас“ е уште еден чекор напред во развојот на неговата авторска кариера. И овојпат младиот охриѓанец се потпишува како автор и на музиката и на текстот, продолжувајќи да создава композиции во кои доминираат искреноста, личната инспирација и емоцијата.
Со двете авторски песни, Веслиевски покажува дека неговата амбиција не е само да биде изведувач, туку и да создава сопствена музика, преку која ќе раскажува приказни блиски до слушателите.
На само 19 години, пред младиот охриѓанец претстои уште многу работа, нови предизвици и можности за музички развој. Дали „Приказна за нас“ ќе биде следниот чекор кон пошироко препознавање на македонската музичка сцена, останува да покаже времето, но едно е сигурно – Димитар Веслиевски не се откажува од својата музичка приказна.
StrugaOnline

