Лев банер Десен банер

Од 6 до 8 ноември во Охрид ќе се одржи Ohrid TechAthlon 2026

Охрид од 6 до 8 ноември 2026 година ќе биде домаќин на Ohrid TechAthlon 2026, тридневен мултидисциплинарен маратон посветен на технологијата, иновациите и развојот на нови идеи. Настанот ќе се одржи на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ (УИНТ), во организација на Охрид Тех Сити (Ohrid Tech City), во соработка со Универзитетот.

Ohrid TechAthlon 2026 има за цел да ги обедини студентите, фриленсерите, програмерите, дизајнерите, претприемачите, иноваторите, истражувачите, компаниите и академската заедница, создавајќи простор за размена на знаења, развој на вештини и реализација на иновативни идеи.

Во текот на трите дена, учесниците ќе работат на решавање конкретни предизвици од различни индустрии и технолошки области, а под менторство на 20 искусни професионалци ќе имаат можност своите идеи да ги развијат од почетен концепт до функционален прототип и бизнис модел.

Настанот е отворен за сите заинтересирани, без разлика дали имаат претходно искуство или веќе развиена идеја. Оние кои сè уште немаат тим ќе можат да пронајдат соработници, додека учесниците со готови проекти ќе добијат можност да воспостават контакти со ментори, потенцијални партнери и компании.

Четири програмски целини за развој на идеи и кариерни можности

Програмата на Ohrid TechAthlon 2026 ќе биде организирана во четири главни сегменти – Ideathlon, Tech Hackathon, Бизнис Експо и Кариерен саем.

Во рамките на Ideathlon ќе се организираат работилници и предавања од професионалци од индустријата, меѓу кои и претставници на Magna, со теми поврзани со дизајн, вештачка интелигенција и брендирање.

Tech Hackathon ќе им овозможи на учесниците да ги претстават своите идеи, да формираат тимови и со поддршка на менторите да работат на развој на прототипи. Најдобрите решенија во недела ќе бидат презентирани пред стручно жири, а најуспешните тимови ќе добијат награди, како и можности за вклучување во акцелераторски програми, стажирања и потенцијални вработувања.

Дополнителна можност за поврзување на бизнис-секторот со младите таленти ќе понуди Бизнис Експото, каде компаниите и стартапите во сабота ќе имаат можност да ги претстават своите производи, услуги и проекти на изложбени штандови.

Во рамките на Кариерниот саем, пак, компаниите ќе можат директно да разговараат со учесниците, да запознаат потенцијални идни вработени и да отворат можности за пракса и професионален ангажман.

Вистински предизвици од реалниот бизнис-сектор

Темите на кои ќе работат учесниците опфаќаат веб-развој, дизајн, вештачка интелигенција, интернет на нештата (IoT), развој на видеоигри, финансиски технологии (FinTech) и одржливост.

Посебна вредност на настанот е тоа што предизвиците ќе произлегуваат од реални компании и нивни конкретни потреби и проблеми, давајќи им на учесниците можност да понудат практични решенија со потенцијал за понатамошен развој и примена.

Организаторите очекуваат Ohrid TechAthlon 2026 да придонесе кон зајакнување на стартап и иновацискиот екосистем во Охрид и регионот, но и кон продлабочување на соработката меѓу академската, научно-истражувачката и бизнис-заедницата.

Како да се пријавите и да бидете дел од настанот?

Заинтересираните учесници можат да се пријават преку платформата за билети, на линкот за регистрација на Ohrid TechAthlon 2026. Претходно искуство или формиран тим не се услов за учество – доволни се идеја, мотивација и желба за учење и соработка.

Компаниите и партнерите можат да се вклучат преку учество на Бизнис Експото, Кариерниот саем, организирање работилници, обезбедување менторска поддршка или предлагање конкретни предизвици за учесниците.

За партнерства и соработка, заинтересираните можат да се обратат на **partnership@ohridtechcity.com**, додека професионалците кои сакаат да се вклучат како ментори или предавачи можат да пишат на **contact@ohridtechcity.com**.

Со Ohrid TechAthlon 2026, Охрид добива можност да стане место каде што се среќаваат идеите, технологијата, бизнисот и младите таленти, со цел создавање нови решенија и отворање перспективи за иднината.

StrugaOnline

error: