Струга повторно домаќин на Националното триатлон првенство „Триатлон 3Дисциплини“ оваа недела 23 август
Во недела, 23 август, Струга по 14-ти пат ќе биде домаќин на Националното триатлон првенство „Триатлон 3Дисциплини Струга“, спортски настан кој ги обединува пливањето, велосипедизмот и трчањето.
Со техничка поддршка од Триатлон федерацијата на Македонија и Општина Струга, во недела ќе се одржи 14-то издание на оваа спортска манифестација, која традиционално привлекува учесници од различни возрасни категории и со различно ниво на физичка подготвеност.
„Триатлон 3Дисциплини Струга“ е настан отворен за сите кои сакаат да ја испробаат својата издржливост, да се соочат со нов спортски предизвик и да создадат незаборавни спомени.
Пливачкиот сегмент ќе се одвива во водите на Охридското Езеро, на претходно обележана патека, додека велосипедскиот и тркачкиот сегмент ќе се одржат на обележани патеки долж струшкото крајбрежје.
Организаторите најавуваат категории за сите возрасти и нивоа на подготвеност, со што уште еднаш се потврдува инклузивниот карактер на оваа спортска манифестација.
Стартот и целта годинава повторно ќе бидат лоцирани кај Евро Хотел, Beach Bar Russ.
Поради одржувањето на триатлонот, патниот сообраќај на улицата „Партизанска“, на потегот од кружниот тек кај Факултетот ФОН до кружниот тек кај Евро Хотел, ќе биде затворен во периодот од 07:30 до 13:00 часот.
Од организаторите упатуваат апел до граѓаните и сите учесници во сообраќајот за зголемена внимателност и претпазливост при движењето во наведениот период и зона.
Мапите на патеките и сите дополнителни информации за настанот можат да се најдат на страницата на Triatlon and Swimming Club 3Disciplines.
StrugaOnline

