Вардар одигра перфектно во Загреб

- Спорт
492

На гостувањето во Загреб нашите момци славеа убедливо со 27-18 во првиот осмина-финален меч од ЕХФ Лигата на шампионите против ППД Загреб. Реваншот е во сабота во Скопје.

Голманот Дејан Милосављев беше прогласен за играч на натпреварот со 14 одбрани. ЕХФ го прогласи натпреварот во Загреб за меч на осмина-финалето во ЛШ, но од тоа остана за прогласувањето. На хартија требаше да биде дерби, а на терен беше ракометна лекција на „црвено-црните”. Со една нога Вардар е веќе во четвртфиналето на ЛШ, иако треба да се одиграат уште 60 минути реванш средба во Скопје на 30 март во 19,30 часот.

Откако од самиот почеток Вардар заигра одлучно, храбро, машки и прецизно јасно беше дека од Загреб нашите ракометари ќе се вратат со бодови. Даинис Криштопанс ги постигна првите три гола за Вардар, потоа тргна и Дејан Милосављев да брани, па веќе во 19 минута ППД Загреб мораше да бара тајм-аут. Доминираше Вардар на теренот, пред се со добрата одбрана. Затворени беа сите приоди кон Милосављев, а притоа и ривалот се држеше на дистанца и постигна само 6 за едно полувреме.

Вардар овој натпревар го одигра беа Вуко Борозан, но и без неговата топовска десница Вардарци имаа расположени играчи. Кристијан Дисингер на моменти покажа зошто беше своевремено светски талент и зошто играше во Кил. Скубе и Карачиќ ја излудуваа одбраната, а Стоилов и Мораеш „носеа” по двајца и тројца ракометари на грб. Загреб играше и многу погрубо, што се гледа од 10-те минути исклучување, наспротив две минути на Вардар.

Одбраната на Вардар како да го изненади ППД загреб.

„Десетката” во второто полувреме беше само потврда дека и физички и ментално Вардар е подготвен. Кога Загреб ќе се понадеваше дека може да фати приклучот, Парондо ја менуваше одбраната, и повторно Загреб беше во проблеми. Во 53 минута Мартин Поповски реализира за највисоката предност, 26-15.

„Распродадената” сала во Загреб предвреме почна да се празни како најава за дебаклот на ППД Загреб и триумфот на Вардар.

ППД Загреб – Вардар 18-27 (6-14)

ППД Загреб: Ристановиќ, Кастелиц, Мраковчиќ 3, Божиќ-Павлетиќ 1, Контрец 1, Буриќ 1, Сршен 1, Хорват 1, Поточник 2. Јотиќ, Равниќ, Мандиќ 5, Хрстиќ 1, Бичаниќ, Влах 2, Векиќ.

ВАРДАР: Милосављев (13 одбрани, 1 седмерец), Гедбан, Стоилов 1, Поповски 1, Криштопанс 5, Мораеш 4, Дисингер 3, Карачиќ 5, Скубе 1, Калараш 1, Чупиќ 3, Дибиров 2, Шишкарев 1, Борозан, Војводиќ, Кисељев.

Извор и фото: РК Вардар

Facebook Коментари