Кадетите на Струга со спектакуларен камбек го совладаа Алкалоид на гости со 40:34
Стружани губеа со пет гола на полувреме, но со одлична игра во вториот дел стигнаа до голема победа над минатогодишниот шампион.
Кадетите на РК Струга остварија одличен старт во новата сезона од кадетската машка лига, откако на гостински терен го совладаа минатогодишниот шампион РК Алкалоид со убедливи 40:34.
Средбата, одиграна во спортската сала „Автокоманда“ во Скопје, донесе возбудлив ракомет и голем пресврт. Домаќините на полувремето имаа предност од 19:14, но стружани во вториот дел одиграа фантастично и со серија од 26 постигнати гола наспроти 15 на Алкалоид стигнаа до заслужена победа.
Во победничкиот состав на Струга најефикасни беа Матеј Ковачески и Горазд Ојлески со по 10 гола, додека Петар Дуноски постигна шест погодоци.
По четири гола додадоа голманот Симон Трпоски и Јордан Танаскоски, три постигна Дaвoр Ферукоски, а Климент Пројковски беше стрелец на два гола. Во листата на стрелци се запиша и Михаил Стојкоски со еден погодок.
Кај Алкалоид, најефикасен беше Мартин Грашески со седум гола, додека Калин Хаџи Манев постигна шест.
По натпреварот, тренерот на Струга, Дејан Коцарески, го истакна карактерот на својот тим и подготвеноста за игра во висок ритам во текот на сите 60 минути.
„Бевме упорни и не се предадовме. Покажавме карактер и спремност да одиграме во висок ритам 60 минути против минатогодишните шампиони во оваа генерација.“
Со оваа победа, кадетите на РК Струга испратија силна порака уште на стартот од сезоната, покажувајќи дека поседуваат квалитет и ментална сила за пресврти и големи резултати.
StrugaOnline

