Балетското студио БАХ со голем концерт ќе прослави 30 години постоење

- Локални
257

Се’ е подготвено за годишниот концерт со кој Студиото за танц ,,БАХ“  ќе прослави триесет години постоење. На 25-ти јуни, на големата сцена во Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ ќе настапат сите сто членови на студиото, а ќе има и гости од Скопје и Куманово. Публиката ќе има можност да проследи дваесет и пет точки, а на филмско платно ќе биде прикажан и филм посветен на сите искуства, успеси и предизвици што ,,БАХ“ ги имаше од своето основање до денеска.

,,За овој за нас многу значаен јубилеј подготвивме дваесет точки, а останатите пет се на нашите гости, Dance team fusion и МАК од Куманово и Еureka Dance Company од Скопје. Идејата беше годинава пред публиката во Струга да претставиме повеќе стилови и сега кога е се подгoтвено, можам слободно да кажам дека ќе изгледа токму како што замисливме. Имаме  оригинални костими, а сцената ја поставуваме токму овие денови. Најавувам голем спектакл со кој ќе прославиме 30-години постоење“-изјави за Strugaonline, Taња, кореограф и идеен творец на Студиото за танц ,,БАХ“.

Таа додава дека во филмот посветен на студиото, актуелни но и поранешни членови зборуваат како го доживеале БАХ, со оглед на тоа дека дел од нив над една деценија биле дел од БАХ, а сега имаат сосема други професии, но, како што вели, од БАХ научиле да танцуваат, но и да бидат дисциплирани и посветени личности.

,,Девојките снимија многу емотивни видеа, дел од нив веќе не живеат во Македонија. Забележав дека за сите нив има неколку заеднички нитки. Сите кажаа дека кај нас стекнале самодоверба, дисциплина и истрајност и им се изградил вкусот за музика во квалитетен правец. Тоа што  нивното членување во БАХ влијаело на тоа да бидат она што се денес-многу успешни дами, за мене претставува голема радост.“-потенцира Тања.

По завршувањето на концертот сите членови и соработници на Балетското студио ,,БАХ“ ќе добијат благодарници за придонес во културата во Струга.

Концертот во вторник ќе започне во 19:00 часот, билети можат да се набават во Студиото за танц ,,БАХ“. Вратите ќе бидат отворени од 18:00 часот.

Strugaonline

 

Facebook Коментари