Богата уметничка програма во Струга оваа сезона, следуваат изложби, уметничка резиденција и изработка на нов мурал

- Локални
418

Групната изложба „Реоткривање“ што во понеделник ќе се одржи во Europe House Струга е одлична увертира во богатата програма планирана за љубителите на уметноста од Струга и туристите кои ќе го посетат нашиот град.

,,На оваа изложба по повод Светскиот ден на уметноста, уметниците кои ќе се претстават се изразуваат во различен стил, техника и медиум и ова е прилика за подетално и индивидуално запознавање со авторите, како и нивната работа и планови.“-вели за Strugaonline уметникот Христијан Томаноски.

Од страна на Центарот за култура, пак во тек се подготовките за одржување на две самостојни изложби на автори од Струга, едната на Даме Затуровски на почеток на август, а другата на Викторија Попоска за која наскоро ќе биде објавен датум. Напоредно се работи и на подготовките за уметничката резиденција во чии рамки Струга ќе биде домаќин на повеќе уметници од странство.

-Во тек се и подготовките за уметничката резиденција која ќе се одржува во првата половина на август по трет пат, насловена Ластар 2023 / Tendril 2023 која ја работиме со Алекс Клос од Канада. Работиме на веб сајтот за оваа резиденција, вршиме селекција и други активности што подразбираат повеќе ангажман оваа година –информираат од Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ –Струга.

Во соработка со ИНКА Струга, оваа година резиденцијата ќе биде дел и од програмата на развојниот хаб Вишни.

Струшкиот центар за култура најавува и уметнички работилници, и поддршка за активностите поврзани со изработка на уште еден мурал од страна на медиа арт клубот на МОФ во втората половина на месецов во Струга.

Уметничките настани во Струга ќе бидат заокружени во септември, со традиционалната групна изложба на локални ликовни уметници.

Strugaonline

фото: архива

Facebook Коментари