Денеска во Струга ќе се одржи традиционалната Еордија – литијата со Чудотворната икона на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец

- Локални
2110

Денеска во Струга ќе се одржи Tрадиционалната древна струшка Еордија – литијата со Чудотворната икона на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, збогатена и со неговите чесни мошти од неговиот Манастир во Рајчица, како и Чудотворната икона на Пресвета Богородица – Крнинска и на Христос Архиереј од Манастирот Пречиста Кичевска.

-Поради вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, и во согласност со превентивните мерки на државните и здравствените власти, овој пат Литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на верниот народ. Учесниците ќе се придржуваат кон потребните мерки, а локалното население ќе може да ја проследи само од по тротоарите на улиците каде што таа ќе минува, држејќи го препорачаното растојание.“ – информираат од Бигорскиот манастир.

Исто така, со почеток во 16 часот, во струшкиот храм на Свети Георгиј Победоносец, од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и на дел од локалното свештенство, ќе биде отслужена и традиционалната ктиторска Вечерна со панихида за покојните ктитори и градители, но повторно без присуство на народ. Со цел на верниците да им се овозможи да земат молитвено учество во оваа Вечерна, храмот ќе биде озвучен и тие ќе можат да ја слушаат богослужбата однадвор. За време на службата моштите на Свети Георгиј ќе бидат поставени во тремот на храмот, каде што има две влезни и излезни врати, така што ќе има можност за оние верници кои сакаат да му се поклонат на овој голем Христов угодник, да го направат тоа, запазувајќи го пропишаното растојание. По завршетокот на Вечерната, околу 17 часот, ќе започне Литијата. За оние што имаат желба да ја проследат оваа традиционална духовна и културна манифестација, ќе биде овозможен пренос во живо, со помош на екипата од ‘2S  livestream.mk’.
Струшката Еордија спаѓа во категоријата „Значајно културно наследство“, заштитено со државен закон и преку здружението „Рајчица“ таа е помагана од Министерството за култура.

Strugaonline

Facebook Коментари