Десет години Плеј Радио – Се движиме во чекор со времето, а ја зачувавме старата добра магија на радиото како медиум

- Локални
940

Плеј Радио 90.4 ФМ денеска слави десет години постоење.

„Една деценија успешен опстанок во етерот е посебна чест за нас, уште од првиот ден работевме со љубов и посветеност. По професионални стандарди изградивме екипа која го знае вкусот на слушателите кога станува збор за музичкиот избор, а новинарите во екипата се грижат за точно и навремено информирање. Во изминативе десет години пораснавме и созреавме, а Плеј Радио доживеа и свои технички унапредувања за сето ова да биде комплетно успешна приказна. Се движиме во чекор со модерното време, а ја задржуваме старата добра магија што ја создава радиото како медиум“. – велат од екипата на Плеј Радио.

Во изминативе десет години, направивме одлични емисии но и забави на кои присуствуваа нашите слушатели.

Познати имиња од домашната музичка сцена, новинари, спортски новинари од регионов, локални бендови и други, со видео и аудио пораки го честитаа јубилејот кој денеска Плеј Радио го слави без забава поради состојбата со коронавирусот.

„Голем поздрав до сите, вие ја слушате гордоста на Струга, Плеј радио 90.4 FM. Денеска е прекрасен ден, нека е среќен роденден, ова нека бидат само првите прекрасни десет години. – вели Сретен Рашковиќ спортски новинар и коментатор од ТВ Арена Спорт -Белград.

Честитка од српската престолнина испрати и Стеван Стевановиќ, кој минатото лето гостуваше во нашето студио.

„Гостувањето во Плеј радио беше прекрасно искуство за мене, ме пречекаа и ме угостија прекрасни луѓе. Го споделив искуството и атмосферата од освојувањето на пехарот од Лигата на шампионите на клубот Вардар. Ви посакувам среќен десетти роденден и да траете барем уште сто години. Се’ најдобро и направите добра журка.“ – вели Стеван Стевановиќ-коментатор од ТВ Арена Спорт.

„На 2-ри јуни Плеј радио слави десет години од своето постоење, посакувам да слават уште сто и десет години и да продолжат да пуштаат убава македонска музика. Слушајте Плеј радио на 90.4„ – порачува познатиот музичар Гуру Харе.

„Плејовци, среќна десетка! Од десетката до стотката ќе ви посакам многу слушатели, добра музика и она што најмногу ми значи, а тоа се добрите информации. Уживам слушајќи ги вашите емисии. Она што ме задржува на радио се гласовите на презентерите. Многу ми е важно како сето тоа звучи, бидејќи кога не гледаш лик, гласот е единствената конекција. Посакувам сето она што го работите да се зголемува и квалитативно и квантитативно. Уживам да ве слушам кога сум покрај најубавата вода“ – вели Анита Даева, новинар и водител.

„Сакам да го поздравам целиот тим на Плеј радио-Струга и слушателите. Честит јубилеј, десет години прекрасна софистицирана музика. За Плеј радио прв пат слушнав пред седум-осум години. Кога сум во Македонија, со велосипед често го возам стариот пат Охрид-Струга, во Струга сакам да пијам кафе. Тогаш пиев кафе на „Пливалиште“ и секогаш слушав добра музика, баш по мој вкус. Го прашав дечкото што ми донесе кафе кој е одговорен за музиката, тој ми кажа дека секогаш пуштаат Плеј радио. Од тогаш сум ваш фан! Од срце ви посакувам уште многу јубилеи, содржини како до сега и да продолжите да работите со страст. Квалитет се постигнува така како што вие го имате постигнато. Ве поздравувам“ – вели мултиталентираниот музичар Владимир Четкар.

Екипата на Play radio има свои редовни слушатели, а тоа е најголемо признание за квалитетот на медиумот. Така ќе продолжиме и во следните десет години!

Play radio

Facebook Коментари