Деветтоодделенци од ООУ „Браќа Миладиновци“ во посета на Општина Струга
Учениците од IX одделение од ООУ „Браќа Миладиновци“ Струга денеска ја посетија Општина Струга во рамки на наставниот предмет „Истражување на родниот крај“.
Посетата, на која учествуваа ученици кои наставата ја следат на македонски и турски јазик, доби посебно значење со средбата со градоначалникот Менди Ќура. Тој ги запозна учениците со своите надлежности и одговорности, при што нагласи дека локалната самоуправа е секогаш отворена за младите, нивните идеи, барања и иницијативи.
Активноста продолжи во салата на Советот, каде учениците имаа можност да се информираат за начинот на функционирање на Советот и неговата улога во донесувањето одлуки на локално ниво.
Оваа едукативна посета претставуваше одлична можност младите одблиску да се запознаат со работата на институциите и да ја разберат нивната важност за заедницата.
Од Општина Струга порачаа дека нивните врати остануваат отворени за сите ученици и граѓани кои сакаат да научат повеќе и активно да придонесат за развојот на локалната заедница.
StrugaOnline

