Димитри Кумбароски: Oд нашето училиште учениците излегуваат подготвени за европските и светски музички центри

- Локални
649

Со Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“  како и соработката со полското дуо уметници Емилија Ситарж и Ева Лајбахен започнуваат летните активности на ДСМУ-Струга.

Како што најавува раководителот на училиштето, Димитри Кумбароски, во тек се и преговори за  Струга да биде домаќин на летна академија за соло пеење. која би ја предводела маестрата Весна Гиновска Илкова и мастер-клас со маестро Симон Трпчевски.

-Емилија Ситарж и Ева Лајбахен на 14 и 15 јуни ќе одржат работилница за современа музика и концерт со кој нашето училиште и Струга го ставаат на мапата на нивниот патувачки проект наречен „По трагите на полскиот соноризам“. За летната академија и мастер класот навистина долго преговараме и се надевам дека летово конечно ќе се реализира-изјави за Strugaonline Димитри Кумбароски, раководител во ДМУ Струга.

Тој додава дека плановите за идната учебна година се прават уште отсега, а актуелни се и активностите за регионално вмрежување и соработка со останатите училишта од државата, но и со музичките училишта од странство.

За сите деца кои деновиве одлучуваат каде ќе го продолжат своето образование, а нивната определба е музиката, Кумбароски објаснува дека Државното музичко училиште во Струга е регионален центар кој го покрива југоисточниот дел од земјава и им нуди на своите ученици обемна и сеопфатна музичка едукација. Покрај предметната настава,  програма вклучува и индивидуални часови по инструменти, соло пеење и ударни инструменти. На учениците им се нудат двата образовни профили од наставниот план: музичар теоретичар и музичар изведувач. Преку првиот учениците добиваат силна теоретска основа, додека преку вториот практично се оспособуваат за следните инструменти: виолина, пијано, соло пеење, ударни инструменти, флејта, кларинет, саксофон, труба и хармоника.

-Секој ученик има можност да работи со искусни професори кои се посветени на нивниот напредок и успех. Дополнително, учениците редовно учествуваат во разни музички ансамбли, оркестри и хорови, што им овозможува да стекнат искуство во групно музицирање и да ги развијат своите соработнички вештини. Веќе спомнавме дека се организираат бројни концерти, натпревари и музички работилници во текот на учебната година, и овие активности им даваат на учениците платформа да ги покажат своите таленти пред поширока публика и да стекнат сценско искуство.Но, овде сакам да го нагласам следното-Постои стереотипна претстава дека нашите ученици и оние што сакаат да се запишат во средно музичко училиште единствено треба да станат концертни инструменталисти или идни наставници по музика. Тоа не е така, особено не во времето во кое што денеска живееме. Благодарение на вертикалната проодност што им ја овозможува државната матура, нашите ученици можат да изберат да се занимаваат во иднина со бројни интердисциплинарини професии и занимања како што се на пример: програмирање музички софтвер, психологија и музикотерапијата, музичко претприемништво, музичка продукција и.тн. Затоа на почетокот реков дека она што го нудиме е обемна и сеопфатна музичка едукација и училишна клима каде персонализирано се пристапува кон потребите на секој еден ученик-потенцира Димитри.

Дека  учениците кои своето средно образование ќе го завршат во Државното музичко училиште-Струга добиваат квалитетна основа и се подготвени за европските и светски музички центри, говори фактот дека од претходните генерации некои од нив дипломираа или студираат на престижните универзитети како што се Беркли колеџот во Бостон, САД, Музичкиот универзитет во Виена, Австрија, Државниот универзитет во Хановер, Германија, Музичките факултети во Белград, Тирана, Софија и секако Скопје.

Анализирајќи ги локалните капацитети за развој на музичката уметност во ДМУ-Струга, но и во градот воопшто, Димитри Кумбароски бара поддршка за понатамошниот развој на струшкиот музички училишен центар и културната инфраструктура во градот.

– На училиштето и на градот потребни им се малечка концертна сала и два концертни клавири кои ќе треба да се набават во иднина имајќи широк консензус и план за тоа. Се надеваме дека ова ќе допре до оние кои можат да помогнат. Поддршка барам од  целокупната заедница. Целта е музичката култура во градот се издигне на повиско ниво и да биде конкурентна регионално и пошироко, во Европа-апелира Кумбароски.

Прва награда на ученикот Владимир Србиноски на Меѓународнит натпревар „Даворин Јенко“ во Белград,Србија и втора награда на натпреварот „Тартини“ во Словенија, први места на државните натпревари на учениците Едона Далипи, Андреј Наумоски, Владимир Србиноски, Христо Дејкоски, награди на Меѓународниот натпревар „Михајло Николовски“ во Битола, спектакуларен настапот на Марија Џуклеска и Андреј Наумоски со симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија  на концертот „Младите доаѓаат“- ова се само дел од успесите на младите струшки музичари со кои Државното средно музичко училиште-Струга ја заокружува оваа учебна година.

Strugaonline

Facebook Коментари