Вчера во попладневните часови граѓани на општина Струга и членови на Јога друштвото од Струга направија еко акција за чистење на сметот покрај крајбрежјето во близина на реката Сатеска, после кампот АС, кадешто и воедно ќе почнат да се одржуваат преубавите крајбрежни јога часови.
Пријавувањето за летните јога часови е во Јога друштвото Струга кај професорот Ванчо Тасески, а исто така во текот на летото ќе има повеќе волонтерски еко акции за враќање на плажите во нивната природна состојба и можност на секој граѓанин преку желбата и активностите за поубава и средена околина да створи една карма јога во пракса.
„Карма јогата е јога за надворешниот слој на нашето постоење и се однесува на она што ни се случува, на она што го зборуваме и на она што го правиме. Како може карма јогата да го трансформира надворешниот слој на стварноста? Треба прво да сфатиме како дејствуваме.
Има многу луѓе што ја имаат таа природна способност и не знаат дека се карма јогини. Карма јогата не е нешто необично, туку е нешто природно, како што е природно да дишеме, да се релаксираме, да се концентрираме. Сите тие особености се вградени во човекот како негов потенцијал, а работата е како да се стигне до тој потенцијал.
Карма јогинот, пред се, работите ги врши несебично, не ги прави затоа што во некој заден дел на својот ум очекува некаква корист од тоа. Тој работи со апсолутно неврзување. Не остава ништо да дејствува врз него, концентриран е на она што го прави и ќе се обиде да го направи најдобро што може.
Воопшто не го интересира резултатот од неговата работа, зашто ако мисли на она што ќе биде после, дали ќе биде добро, дали другите ќе бидат задоволни, дали самиот ќе биде задоволен, нема да има време да мисли на она што го прави сега.
Карма јогата го прави човекот поскромен и повнимателен, да помага кога има и кога може, без гордост, туку како да не знае ни сам дека помага. Треба да се дејствува како што се вели во карма јогата без никакви очекувања.
Тој работи со максимална концентрација и љубов, а резултатот од неговата работа ќе се види на крајот. Зашто резултатот нема секогаш да биде проценет и да зависи само од него. Кога тој ќе даде сѐ најдобро од себе, тогаш нема зошто да се чувствува виновен и ако работата на крајот не успее или некому не му се допадне или ако никој не го пофали, не му рече браво. Неоддавањето на признание за работата може да биде и од многу други причини, а не само поради квалитетот на вашиот труд. Зошто треба да очекуваме да бидеме наградени со мислењето на другите, како тие секогаш да знаат подобро од нас? Зошто да не бидеме сигурни во она што го правиме?
Во карма јогата е потребна доследност во неврзувањето, непристрасноста и редовното непрекинато повторување на таа дејност. Ако работиме малку сега, малку утре, па ако се сетиме по три дена, тогаш ќе нема резултат. За да успееме во нешто треба да работиме со неврзување, доследност и упорност.
Не треба да правиме нешто многу, никакви големи гестови за да направиме добра карма. Малите гестови во секојдневието може да остават многу добри траги. Што значи добриот гест? Тој менува нешто во срцето, прави да се чувствуваме поинаку зашто го позитивизира животниот магнетизам, прави да имаме друг сооднос со околината.
Карма јогата го прави човекот поскромен и повнимателен, да помага кога има и кога може, без гордост, туку како да не знае ни самиот дека воопшто помага.“- објаснува учителот Павлос К. Хасанагас во неговата книга „Јога – духовна одисеја“
Strugaonline
Facebook Коментари