Годишен концерт на Студиото за танц „БАX“ – На први јули ќе се игра балетската претстава „Убавицата и sверот“

- Забава, Локални
2878

Балетското студио „БАX“,  на 1 јули во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга со почеток во 19:оо часот ќе го одржи осумнаесеттиот по ред годишен концерт, а истовремено прославува и дваесет и три години од своето постоење. Оваа година, танчерите ќе се претстават со балетската претстава „Убавицата и sверот“. За тоа како течет пробите и подготовките но и за сето она што треба да го очекува публиката разговаравме со Тања Мојсоска – кореограф во Студиото за танц „БАX“, Васко Ежоски, кој ја игра улогата на Sверот и Мaja Павлеска која во балетската претстава има повеќе улоги, а во балетското студио членува дванаесет години.

Strugaonline: Низ годините наназад, сте имале  класични годишни концерти, а балетска претстава подготвувате по втор пат. „Убавицата и sверот“ доаѓа после балетската претстава „Пепелашка“ со која се претставивте на годишниот концерт во 2015 година. Која е разликата и зошто се одлучивте за балетска претстава повторно?

Тања: Во 2015 година експериментирав. Ако правиме споредба на балетска претстава и концерт, балетската претстава е многу потешко да се сработи. Кога се подготвува класичен концерт секоја група работи индивидуално, а потоа се здружуваат настапите иако сите наши концерти се врвно спакувани со тема. Во балетска претстава треба сите сто деца кои учествуваат да се сретнат во исто време и тоа е тешко за изведување. Токму поради тоа ги избегнував, иако сметам дека едно од моите поврвни дела е токму „Пепелашка“.

Strugaonline: Како падна изборот на „Убавицата и sверот“? Сега е посебно актуелен и филмот и тоа во светски рамки. Но вие најверојатно од поодамна почнавте да ја подготвувате балетската претстава?

Тања: Одлуката дека ќе подготвуваме балетска претстава и дека тоа ќе биде „Убавицата и sверот“ ја донесовме на крајот на септември. Подготовките ги започнавме во јануари, тогаш беше објавено дека во март ќе биде премиерата на култниот филм „Убавицата и sверот“ и сето тоа совршено се поклопи. Истата приказна се случи и со „Пепелашка“ така што најверојатно имаме среќа да бидеме актуелни.

Strugaonline: Васко, ти ја играш улогата на Sверот, едно од поважните улоги, а не си редовен член на Балетското студио „БАX“, како се снаоѓаш во улогата со оглед на тоа дека е доста важно да ги доловиш сите карактеристики на Sверот?

Васко Ежоски: Чест ми е што играм главна улога на ваков врвен концерт. Иако не сум редовен член на балетското студио веќе четири години работам со нив, а имам настапувано и со драмското студио „Миладин“. Во 2015 година бев кралот кога ја игравме „Пепелашка“. Инаку преку улогата на Sверот всушност сакаме да испратиме важна порака, а тоа е дека луѓето не треба да ги вреднуваме според изгледот туку според душевните и карактерни вредности кои ги поседуваат. Sверот е грд и страшен но има добро срце. Тоа е целта на мојата улога.

Strugaonline: Што покажува вашето искуство кога станува збор за вкусот на публиката, повеќе сакаат концерт или балетска претстава?

Тања: Реакциите се поделени, мој личен впечаток е дека балетска претстава е подобро. Околу 70% од луѓето беа позадоволни со Балетска претстава бидејки меѓудругото трае и пократко,„Пепелашка“ успеав да ја спакувам во еден час. Но од друга страна има и публика која смета дека е прекратко бидејќи нашите концерти понекогаш надминуваат и два часа па луѓето се така навикнати.  Годинава претставата ќе трае околу еден час и триесет и пет минути значи ќе ги задоволиме сите вкусови.

Strugaonline: Маја, ти си член на Балетското студио „БАX“ веќе 12 години и си дел од професионалната група, сосема е логично дека ако треба некој да игра повеќе улоги во претставата тоа треба да бидеш ти, бидејќи искуството тоа ти го дозволува. Но, како се снаоѓаш на една иста претстава да играш повеќе улоги?

Маја Павлеска: Во „Убавицата и Sверот’’ ја играм старата и грда госпоѓа која потоа се претвора во волшебничка, но заедно со професионалната група покривам уште неколку улоги кои нема да ги откријам сега. Не ми е тешко да се снајдам во повеќе улоги. Иако танцувам веќе дванаесет години можам да кажам дека секоја година возбудата ја има како да е прв пат. Тоа е прекрасно чувство.

Strugaonline: Како течат подготовките за концертот? Публиката го гледа само уметничкиот дел, но за да се дојде до посакуваното ниво има многу технички работи кои треба да се средат.

Тања: Организацијата е многу тешка, тоа е така затоа што еден човек завршува работа која би требало да ја вршат седум души. Тоа е така во Македонија, не и во светот. Правиме спектакуларни концерти и имаме спонзори кои ни помагаат затоа што само светлото кое го носиме од Скопје чини илјада евра. Има луѓе кои ја знаат нашата работа и сериозноста со која сме посветени, таквите луѓе редовно ни помагаат и сакат да вложат во културата. Јас сетоа ова го правам за децата, тие заслужуваат да почувствуваат атмосфера од професионална сцена. Многу сум посветена на оваа работа и сакам се да биде на врвно ниво. Секоја година имаме нови костими, нова сценографија, нова музика, но јас и после 23 години јас се уште многу ја сакам оваа работа.

Strugaonline: Од кога картите ќе бидат во претпродажба?

Тања: Картите ќе бидат пуштени во претпродажба во понеделник. Ние станавме поим за точност во Струга. Вратата на Домот на културата ќе биде отворена и годинава од 18 часот. Во 19 часот вратите ќе се затворат затоа што концертот започнува. Се случувало луѓе со билети да останат надвор, но секоја година информираме околу практиката на точност која и понатаму важи. Инаку, билетите во претпродажба се по цена од 150 денари,  инаку секоја година сите купуваат билети во претпродажба. Сите заинтересирани можат да најдат билети во нашето студио односно во Центарот за култура секој ден после 17 часот, а после 10 јуни ќе бидеме тука и од 12 часот. Инаку, билетите се во претпродажба по цена од 150 денари, а на врата чинат 200 денари, но од праксата, до сега не се случило некој да купува билет непосредно пред концертот.

Во продолжение погледнете ја „Пепелашка“ од 2105 година.

Извор: StrugaOnline

Фото: StrugaOnline/БАХ

Ирена Мрческа

Facebook Коментари