Градоначалникот Менди Ќура ги прими организаторите на Меѓународниот ликовен симпозиум во Струга
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, денеска оствари средба со организаторите на Меѓународниот ликовен симпозиум, на која се разговараше за подготовките за претстојното 11-то издание на оваа значајна културна манифестација.
Според најавите, годинава на симпозиумот се очекува учество на околу 25 уметници од различни земји од светот, кои преку своето творештво ќе придонесат за збогатување на културниот живот во Струга.
Меѓународниот ликовен симпозиум со години наназад прераснува во препознатлив културен настан од национално и меѓународно значење, афирмирајќи ја Струга како центар на уметноста, културата и креативноста.
На средбата, градоначалникот Менди Ќура истакнал дека Општина Струга ќе обезбеди целосна поддршка за успешна реализација на овогодинешното издание, со цел манифестацијата да биде уште поуспешна и повпечатлива.
„Струга продолжува да ја негува својата културна традиција и да биде град кој со гордост ги пречекува уметниците од целиот свет. Ваквите настани имаат огромно значење за промоција на градот и развој на културниот туризам“, било истакнато на средбата.
Со подготовките за новото издание на симпозиумот, Струга уште еднаш потврдува дека останува важен културен центар кој преку уметноста ги поврзува различните народи и култури.
StrugaOnline

