Јавна расправа за Коридор 8: Стружани ќе можат да дадат мислења и предлози за автопатот Требеништа – Ќафасан
Општина Струга ги информира граѓаните дека во рамки на подготовката на проектната документација за автопатската делница Требеништа – Ќафасан, дел од Коридор 8, ќе се одржи јавна консултативна средба со цел активно вклучување на јавноста во процесот.
Средбата за жителите на Струга ќе се одржи на 31 март 2026 година (вторник), со почеток во 12:00 часот, во салата на Советот на Општината.
Настанот е наменет за жителите од повеќе населени места, меѓу кои Мислешево, Мороишта, Драслајца, Враништа, Корошишта, Ливада, Заграчани, Шум, Вишни, Радолишта, Калишта, Франгово, Радожда и Делогожда.
Целта на средбата е да се приберат мислења, коментари и предлози од граѓаните, да се разгледаат социјалните аспекти поврзани со проектот, како и да се идентификуваат и заштитат елементите на културното наследство. Воедно, преку оваа иницијатива се настојува да се поттикне активно учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки.
Од Општина Струга апелираат до сите заинтересирани граѓани да присуствуваат и да се вклучат со свои мислења и предлози, нагласувајќи дека нивното учество е клучно за транспарентен и инклузивен процес.
StrugaOnline

