Колумна на Проф Билјана Стојаноска-Наумоска-ПЛАТФОРМА – хорор или научна-фантастика?!

- Локални
1001

“Дали ќе падне платформата? “- дилема која што се создаде кај пошироката јавност, најмногу од незнаење. “Падот на платформата” се очекуваше со страст на навивач во очекување на гол, кога неговите се во напад. Верувам дека и покрај уморот и стресот од деноноќната работа и трката со времето за да се заврши работата во предвидениот рок, екипата од ФИНКИ уживала во комичноста на оваа ситуација.  Задоволството ќе им биде уште поголемо кога ќе уживаат во својот успех. Од каде сум толку сигурна? Па еве, да се обидам да ви образложам. До платформата се стигнува на адресата lms.schools.mk. LMS (learning management system) е софтверска апликација за управување со учењето. Вакви апликации има повеќе (Schoology, Edmodo, Canvas и многу други). Кога ја внесувате адресата, лево од lms се појавува оваа сликичка:

Тоа е логото на Moodle. Moodle е lms развиен за да им помогне на едукаторите да креираат онлајн курсеви, фокусирани на интеракција и колаборативна конструкција на содржини. Мисијата на Moodle е да ја зголеми моќта на учителите за да можат да го направат светот подобро место за живеење (empowering educators to improve our world.) Moodle е софтвер со отворен код, што значи дека на програмерите им е дозволен пристап до кодот, кој можат да го проучуваат, надополнуваат и прилагодуваат на своите потреби. Moodle е бесплатен и овозможува содржините да бидат преведени на повеќе јазици, како што е во случајот со нашата платформа, која што за да може да се нарече национална, мора освен на англиски да биде достапна и на македонски, како и на сите други јазици на кои што се изведува наставата во нашата држава. Иако кај нас не е многу познат, на 20.08.2020 Moodle наполни 18 години, со што стана полнолетен, созреа и може да се смета за стабилен. Да не бевме приморани на онлајн настава заради пандемијата, Moodle ќе беше сосема доволен за темел на нашата платформа. Но, вака, недостасува една важна алатка , а тоа е можноста за видео-конференција. Тоа е овозможено преку поврзување на алатките што ги нуди Moodle, со алатката за видео-конференција, што ја нуди Microsoft Teams. Microsoft Teams не е полнолетен, но затоа е од позната фамилија. Нема кој не чул за Microsoft, нема тука што да се зборува. За разлика од Moodle кој е бесплатен, софтверот на Microsoft е комерцијален, па затоа МОН за секој ученик, учител, наставник и професор во државава обезбеди платени акаунти за Office 365, чиј составен дел е и Microsoft Teams. Со ова добиваме пристап до еден куп алатки на Microsoft и сопствено “облаче” на OneDrive со капацитет од 1TB. ( повеќето компјутери што ги користиме имаат хард диск со помал капацитет). Ова е веќе како во некој научно-фантастичен филм. Заспиваш во Македонија, а се будиш во Финска. За да се поврзат сите ученици, учители, наставници и професори од сите основни и средни училишта се користат податоците од ЕСАРУ базата, истата од која што се земаат и податоците за e-dnevnikot, кој функционира од 2011 година. На платформата треба да “се качат” околу 300 000 луѓе. За сите тие да можат не само да бидат присутни, туку и непречено да си ја вршат својата работа, треба да се обезбеди соодветна компјутерска опрема. Опремата е скапа, па затоа се тестира кој е оптималниот капацитет што треба да го има компјутерскиот систем. На првиот ден од тестирањето се појави поракава, на која сите се израдуваа:

Некои затоа што платформата падна, а кај нас нема поголема радост од радоста за нечиј неуспех. Други пак, затоа што ја сфатија пораката и знаат што треба да се направи за да се зацврсти платформата. Тестирањето е процес на откривање и отстранување на грешки. Ако сте ја откриле грешката, пола работа е завршена. Знаејќи на колку цврсти темели е поставена платформата и каков е капацитетот на стручниот тим на ФИНКИ, нема сомнеж, платформата ќе издржи. Дали ние ќе издржиме на платформата, тоа е веќе друго прашање. Како и во се друго, така и во образованието, човекот мора да ги помине сите фази на еволуција. Се  сеќаваме на проектот “Компјутер за секое дете”, кој беше голем чекор напред и голема можност за унапредување на образованието. Но, наместо да ги унапредиме нашите ИТ вештини, ние “блеснавме” во сета своја примитивност и во пракса ја потврдивме вистинитоста на изразот “Кога не можеш да се справиш со софтверот, удри по хардверот!” Не знам дали извлекле поука од ова искуство, но добро е што овој пат, наместо во хардвер се инвестира во софтвер. Платформата не можеш да ја демолираш. Можеш само да ја бојкотираш, но за среќа тоа нема да предизвика нејзино трајно оштетување. Неспорно е дека имаме право на бојкот, но за мене е многу поважно тоа што ни се дава моќна алатка со која учениците можат да го остварат своето право на образование, притоа почитувајќи го правото на живот на сите во семејството, во тешки околности, под закана на опасна болест која што не смее да се потценува.

Автор на текстот: Билјана Стојаноска-Наумоска, професор по информатика

 

Facebook Коментари