Лазарева Сабота ќе се одбележи со свечена поворка во Струга
Лазарева Сабота, празник исполнет со радост, надеж и духовна симболика, традиционално ги обединува верниците во спомен на чудото на воскресението на Лазар. Овој ден има посебно место во македонската културно-народна традиција, а неговото одбележување се карактеризира со познатите Лазареви поворки.
Во минатото, обичајот бил широко распространет, особено меѓу најмладите. Учениците, заедно со своите родители, роднини и другарчиња, во пресрет на празникот собирале врбови гранчиња и пролетни цвеќиња, а потоа во весели поворки, со песна и насмевки, го најавувале празникот и симболиката на новиот живот.
Во духот на оваа убава традиција, и оваа година граѓаните се поканети да земат учество во свечената поворка што ќе се одржи на 4 април (сабота), со почеток во 11 часот. Собирното место е во Паркот на поезијата, кај црквата „Св. Никола“.
Организаторите упатуваат покана до сите граѓани да се приклучат на настанот, носејќи врбови гранчиња и добро расположение, со цел заеднички да се продолжи оваа значајна традиција и да се најават претстојните големи празнични денови.
StrugaOnline

