Лидија Мојсоска: Преку „Drim short“ ќе погледнеме под површинта на сивилото и во Струга ќе донесеме нова боја

- Локални
1130

Во денешното издание на емисијата Play cafe на Play radio гостуваше Лидија Мојсоска, еден од организаторите на третото издание на фестивалот на краток филм „Drim short“. Филмскиот фестивал ќе се одржи од 27-ми до 29-ти декември во НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Љубителите на филмот ќе имаат можност да проследат четриесеттина кратки филмови, да учествуваат на мастеркласот што ќе се одржи во хотел Дрим, ќе има и промоција на книга и отварање на изложба, а за крај ќе следува музичка програма.

Play radio: И годинава се потрудивте да направите квалитетен избор кога станува збор за кратки филмови, по кој принцип ја правите селекцијата?

Лидија Мојсоска: Годинава имавме селектор за интернациоаналната програма, тоа е нашиот драг пријател Иван Бакрач од Белград кој што воедно е и режисер и селектор на програмата на фестивалот „Слобдона зона“ во Белград, а националната и студентската програма ги секелтиравме ние како фестивал. Имаме и програма која годинава е селектирана од страна на нашиот соработник од Interfilm фестивалот, Хајнс Херманс. Оваа соработка со Херманс и со реномираниот филмски фестивал Interfilm во Берлин кој што постои триесет и пет години е од големо значење за нас. Хајнс Херманс направи селекција „Best of Interfilm“ која публиката во Струга ќе има можност да ја проследи во петок и сабота. Надвор од натпреварувањето, имаме и ревијална програма во чии рамки ќе има проекции на документарни филмови во соработка со „Македокс“ и ќе презентираме филмови од млади режисери кои во склоп на работилницата и филмската школа  „Докуникулци“ оваа година ги направија своите филмови.

Play radio: Новитет годинава е тоа што филмската програма е со натпреварувачки карактер, зошто е тоа така?

Лидија Мојсоска: Годинава сакавме да биде поинтересно за самите автори, убав е самиот факт дека авторите ќе добиваат оценки, поддршка и пофалби за сработеното од страна на нивните колеги кои ќе бидат во жирито. Имаме единаесетчлено жири составено од филмски режисери, монтажери и актери од Македонија и странство. Во жирито се Синоличка Трпкова, Тамара Котеска, Мирослав Петковиќ и други.

Play radio: Овој филмски фестивал е познат и по мастеркласовите кои се одржуваат, а во чии рамки присутните можат да разговараат со големи имиња од светот на филмот. Кои се темите и говорниците за оваа година?

Лидија Мојсоска: Годинава ја имаме честа наш гостин да биде новинарката, филмската критичарка и селектор на документарната програма на  Interfilm, Ингрид Бирбаум. Таа ќе ги информира сите заинтересирани како да дојдат до процесот на фестивалска дистрибуција на краткиот филм откако истиот ќе го завршат. Ова е одлична можност за сите кои сега го завршиле својот краток филм или се студенти и не се запознаени со фестивалската дистрибуција да научат како да го пласираат својот филмски производ. Ингрид исто така ќе објаснува како Interfilm ги селектира филмовите за својата програма. Сите настани ќе се одржуваат во Центарот за култура, само мастеркласот ќе се одржи во хотел „Дрим“, во сабота, а во недела ќе следи мастеркласот „Медени разговори“ со режисерите на „Медена земја“ , а потоа ќе се промовира и книгата „Македонска сага“ од Сунчица Уневска. Промоцијата на книгата ќе биде во склоп на отварањето кога ќе биде поставена и изложбата со наслов „Деца“ од Ханис Багашов.

Play radio: Drim short годинава го носи мотото „Погледни под површината“. Во најавата велите дека ќе се погледне под површината на филмската уметност, зад филмското платно, но сакате да погледнете и под површината на струшкиот Центар за култура. Велите дека на Струга и е потребна нова,  помала сала за во зимскиот период.

Лидија Мојсоска: Да, секоја година имаме мото и сакаме да испратиме голема порака. Годинава сакаме да погледнеме под површината на ова сиво секојдневие на Струга, кога културата хибернира, сакаме да донесеме боја во градот. Исто така, нас ни треба потопла или помала сала за во зима да биде попријатна атмосферата додека се случува фестивалот. Апелираме до надлежните да направат помала сала во склоп на Домот на културата или да ни обезбедат подобри услови. Инаку, многу сме благодарни на Домот на културата, тоа не е нивна грешка, мислам дека градот треба повеќе да се погрижи на таа тема кога станува збор за културата воопшто. Инаку, фоајето за време на Drim short ќе биде креативно преуредено.

Play radio: За крај на фестивалот, ќе ги загреете стружани предновогодишно со музичка програма. Кој ќе се погрижи за забавата?

Лидија Мојсоска: Ќе има и локани артисти и артисти кои ќе ни гостуваат од Скопје. И во петок и во сабота во фоајето ќе имаме забава која ќе започне веднаш после филмската програма, а во недела сите ги повикуваме на заба во „Кингстон“. И годинава го одржуваме континуитетот на филм и музика.

Извор и фото: Play radio

Strugaonline

 

 

Facebook Коментари