Љупчо Милошески: Утре „КУД Илинден“ ќе предизвика многу емоции и ќе го претстави фолклорот во најдобро светло

- Локални
1054

Културно-уметничкото друштво „ИЛИНДЕН“  утре во Струга ќе го одржи 36-от традиционален годишен концерт на кој ќе настапат сите 230 членови на друштвото вклучувајќи ја и пејачката група како и оркестарот кој музицира во склоп на друштвото. Илинденци на домашна сцена уште еднаш ќе докажат зошто се на врвот повеќе од три децении, кога станува збор за негување на фолклорот и изворната музика. Гостин во денешното издание на емисијата Play cafe, што се емитува на Play radio,  по повод овој концерт беше Љупчо Милошески, главен кореограф  во КУД ИЛИНДЕН.

Play radio: Најпрво да позборуваме за самиот тек на подготовки, од вас публиката секогаш има големи очекувања. Колку време ви е потребно за да подготвите еден годишен концерт и како правите селекција на сплетовите на песни и ора кои ќе ги презентирате пред публиката?

Љупчо Милошески: Репертоарот го бираме соодветно на програмата која ја зацртуваме за годината што следи. Секоја година се трудиме да бидеме различни, за да го задоволиме вкусот на публиката. Подготовките се при крај, можам слободно да кажам дека се е подготвено, само треба да почнеме. Се надевам дека и оваа година публиката ќе ужива, сето ова го правиме посветено токму за неа.

Play radio: Да споменеме на што падна изборот оваа година, односно од кои се’ етнографски региони ќе има сплетови, како и репертоарот што за овој концерт го има оркестарот и пејачката група.

Љупчо Милошески: За оваа година имаме разнолика програма, избравме неколку етнографски целини. Ќе играме сплетови од преспанскиот регион, кичевскиот регион, ќе одиме јужно во гевгелискиот регион, за најмладите челенови имаме сплет од скопскиот регион. Може да се каже дека ќе биде опфатена цела Македонија. Инаку, би сакал да споменам околу билетите дека не се во предпродажба, публиката ќе може да купи билети непосредно пред концертот, а вратите на Центарот за култура „Браќа Миладиноци“ ќе бидат отворени од 19:00 часот.

Play radio:  На 9-ти овој месец започна вашата патувачка сезона во земјите од регионов. Тргнавте од Тирана, а вашите претставувања надвор од нашите граници ќе продолжат се’ до септември. Која е планираната агенда?

Љупчо Милошески: Оваа година имаме неколку настапи во странство, на фестивали и концерти. Во период од 16-ти до 22-ри јули на покана на Македонскиот културен центар во Сплит – Хрватска друштвото ке одржи неколку концерти во околината на  Сплит и еден целовечерен концерт на „Сплитска рива”.

Од 24-ти до 30-ти јули, подмладокот на КУД Илинден ќе учествува на Меѓународен детски фолклорен фестивал во Сараево – Босна и Херцеговина.

Во период од 15-ти до 22-ри август членовите на КУД Илинден ќе бидат дел од Интернационалниот фолклорен фестивал во Mohàch – Унгарија кој ќе се одржи по 23-ти пат. Сезоната на патувања ќе ја завршиме со гостување и целовечерен концерт во Нова Горица – Словенија од 25-ти до 30-ти септември на покана од Македонското културно друштво „Охридски бисери” на прославата што ја организираат по повод 20 години од формирањето на друштвото.

Play radio: Каде имате повеќе трема и одговорност, надвор или пред домашна публика?

Љупчо Милошески: Одговорноста е поголема пред домашната публика, кога има пријатели, родители, познаници секогаш чувствуваме поголема одговорност, но предизвик е и настапувањето пред странска публика каде практично си ја претставуваме земјата, нашиот фолклор и нашата култура. Заедничко е тоа што и публиката кај нас и во странство реагира исто, со многу емоции и многу аплаузи. Затоа за утрешниот концерт најавуваме многу емоции и добро претставен фолклор.

Извор: Play radio

Strugaonline

Facebook Коментари