Мујо Бучпапај, Жарко Милениќ и Панде Манојлов – добитници на наградата „Струшко слово“

- Локални
1635

Современиот албански поет, есеист и критичар Мујо Бучпапај, босанско-херцеговачкиот книжевник Жарко Милениќ, поет, есеист, преведувач, критичар…, и македонскиот публицист, поет, преведувач и литературен критичар Панде Манојлов се годинашните добитници на меѓународната награда „Струшко слово“ za 2017,што ја доделуваат Културниот центар „Бран“ и ревијата за книжевност „Бранувања“.

Наградата „Струшко слово“ на Мујо Бучпапај му се доделува за особени заслуги во неговото творечко дело, прогресивната мисла и зближувањето на албанско-македонското културно пријателство.

На Жарко Милениќ наградата „Струшко слово“ му се доделува за особени заслуги во градењето на непромостивото пријателство меѓу авторите и  државите на Балканот и пошироко.

На Панде Манојлов наградата „Струшко слово“ му се доделува за особени заслуги во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура и книжевниот пробив во Македонија, арапскиот свет и пошироко.

Современиот албански поет, есеист и критичар Мујо Бучпапај е вредносна илустрација за тоа оти авторот и неговото дело претставуваат една неодвоива целина. Еден е од втемелувачите на политичкиот плуразлизам и на слободниот печат во Албанија (1990). Со теми од неговите бројни написи и коментари, политички анализи, да забележиме дека бил уредник на весникот  „Демократска преродба“, едноставно се прелевале и во активниот поетски говор на  Бучпапај. Сопственик и издавач е  на реномираниот неделник за книжевност, култура и уметност „Национал“ во Тирана. Станува збор за ангажирана поетика што се бави со современоста. Со луѓето и светот, со животот, настаните и збиднувањата кои го исполнуваат и за жал, осмислуваат денешното превртено и зло време. Поетскиот говор во јас форма само ја потврдува документаристичката назнака на записите со нагласена лирска носивост на директна комуникација или пак со присвојноста на именките (писмо до мојата мајка, мојата имагинација, моето поле, моето родно место). Модерен поетски сензибилитет во кој се опејуваат минливоста, бесмислата, апсурдот и парадоксот на совремните човек, живот и свет. Оттука тоа е поезија на универзумот. На македонски јазик публикувана му е стихозбирката „Невидлива победа“ (2012, Скопје).

Жарко Милениќ (1961, Брчко, Босна и Херцеговина) е поет, раскажувач, романсиер, автор за деца и млади, драмски писател, книжевен критичар и есеист, антологичар и преведувач. Бил извршен уредник на списанието „Книжевна Риека“, а сега е главен и одговорен уредник на „Збор“ (Ријеч, Брчко). Член е Друштвото на хрватските писатели и на Друштвото на хрватските писатели на Херцег Босна. Преведен е  на повеќе јазици и добитник е на значајни книжевни награди и признанија во земјата и во странство. Настапувал на големи и значајни меѓународни поетски и книжевно-научни манифестации ширум светот. Потписник е преводи на десетина дела од современи македонски писатели. Станува збор за автор кој тематски и жанровски опфаќа актуелни прашања од совремноста на светот кои се сместуваат во универзални простори и имаат општочовечки пораки. Со подеднаква страст и љубов пишува дела со фантастична, криминалистичка, љубовна и еротска тематика,  како и со тематика од поблиското и подалечното минато на балканските простори. Милениќ е автор чија што творечка тенденција е што повеќе да биде поблиску и да им се допадне на своите читатели. Оттука негови дела биле прифатени за интерпретација и во други медиумски системи (радио, телевизија, сцена) што е само потврда повеќе за автор кој има своја верна и редовна читателска пубика. На македонски јазик преведена му е книгата раскази за деца и млади „Од училиште до дома“ (2013, Скопје).

Панде Манојлов, е македонски современ поет, прозаист , критичар и новинар. Роден е на 2 мај 1948 година во селото Породин, битолско. Гимназиското средно образование го завршил во Гимназијата „Јосип Броз – Тито“ во Битола. Студирал правни науки во Загреб (Хрватска) и Скопје каде што и дипломирал. Во македонската литература се појавува 1967 година. Автор е на близу триесеттина книжевни дела песни, раскази, театарско-есеистички трудови и др.

Застапен во антологии во земјата и странство. Најмногу е препејуван на арапски јазик и негови песни објавувани се во над петнаесет држави од арапскиот свет како и на англиски, француски, руски, турски, германски, романски, италијански, арапски, српски, бугарски, хрватски, бошњачки, грчки, полски, унгарски, башкириски, татарски и други јазици.

Добитник е на повеќе значајни награди од областа на литературата. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, член на Македонското научно друштво – Битола, член на Друштвото на независни писатели на Бугарија,  почесен член на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј, Австралија, како и член на асоцијацијата на писателите од Калифорнија, САД.

Наградата „Струшко слово“ на добитниците ќе им биде врачена на манифестастацијата „Струшки кнжиевни средби“ што годинва ќе се одржи на 6, 7 и 8 јули, во Струга, Охрид и Вевчани. Досегашни добитници на меѓународната награда „Струшко слово“ се Валерио Орлиќ, (Хрватска) Ѓорѓе Добре (Романија), Васил Тоциновски и Виолета Димова (Македонија).

Извор: StrugaOnline

Facebook Коментари