Музејот „Д-р Никола Незлобински“ со проект за превентивна заштита на музејските експонати и материјал од штетници и обнова на диорами
Музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга активно работи на зачувување и унапредување на своето богато културно и природно наследство преку проектот „Превентивна заштита на музејските експонати и материјал од штетници и обнова на диорами“. Овој проект се реализира во рамки на годишната програма на установата, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Проектот има особено значење за заштита на Природонаучната поставка, која претставува вистинска струшка гордост и која во 2028 година ќе одбележи значаен јубилеј – 100 години од своето постоење. Активностите ги спроведува одделот за препарирање, предводен од самостојниот препаратор Васко Јолески, заедно со препараторот Бојан Крстески.
Превентивната заштита на експонатите се врши континуирано, со примена на пестициди и други хемиски средства што се во согласност со европските стандарди. Посебно внимание се посветува на микроклиматските услови, при што зголемената влажност се контролира со поставување одвлажнувачи, со цел да се спречи оштетување на изложените предмети.
Покрај заштитата, музејот активно инвестира и во модернизација на поставката. Од минатата година започна обновата на диорамите, со цел тие да добијат поавтентичен и визуелно попривлечен изглед. Досега се модернизирани четири диорами, а во текот на оваа година се планира обновување и на дел од преостанатите.
За реализација на овие активности, препараторите ќе користат природни материјали како трска, реси, песок и блато, со што ќе се долови реалистичен приказ на природните живеалишта на птиците. На овој начин, посетителите ќе имаат можност да стекнат појасна слика за средините во кои живеат овие животни.
Со овие зафати, музејот во Струга добива нов сјај, а очекувањата се дека модернизираната поставка ќе привлече поголем број посетители, како од земјава, така и од странство.
StrugaOnline

